Македонија по четири години

Премиерот Христијан Мицкоски по повеќе од една година на најодговорната функција сѐ уште не се изјасни пред јавноста каде ја гледа Македонија по четири години од неговиот мандат. Се разбира, ако има проценки, што ќе се случува во светот, во Европа и на Балканот. Не прашувам после 20 или 50 години, тоа е прашање за државници со мисија и визија.

Светот може драматично да се промени по најавата на големите сили за нов светски поредок, но тоа нас воопшто не нѐ засега. Владата и државните институции немаат никаква стратегија за новонастанатата ситуација. Премиерот Мицкоски делува како човек што го изгубил патот во сопствениот двор. Освен што промовира големи успеси со тревоги за општа опасност одвнатре и однадвор, не работи ништо друго. Груевизмот останува главна доктрина и натаму: не чепкај ништо што означува компромис. Тоа е предавство на националните итереси – е самоубиствената парола на ВМРО ДПМНЕ за иднината на државата.

Човек со здрав разум не може а да не се праша има ли во земјата некаков научен институт, дали е тоа МАНУ, имаат ли Владата, министерствата, Собранието, кабинетот на претседателот на државата, Советот за безбедност, уставни обврски, одговорност и надлежност кои во вакви околности додека владее уплав од експресното престројување во светот да понудат решенија, или барем некакви предупредувања и сугестии што треба брзо да се направи. Очигледно ниту за ова не може да се постигне заеднички став, да се биде подготвен на тектонските промени од новата Јалта која секој ден е сѐ повеќе на повидок.

 

Алармантно предупредување до Европа

Деновиве по средбите на претседателите на Америка и на Русија во Алјаска, Доналд Трамп и Владимир Путин, покрај големиот број загрижени светски државници се огласи и Јошка Фишер, познат германски политичар, поранешен министер за надворешни работи и долгогодишен претседател на партијата на зелените на Германија. Фишер испрати алармантно предупредување до Европејците, но и решение што треба да се направи како одговор на плановите на големите сили:

„Европејците треба многу внимателно да го проучат и поттекстот на самитот во Алјаска, бидејќи и за нив оваа манифестација на нов светски поредок определен исклучиво од интересите на големите сили содржи многу отрезнувачки пораки. Ако на состанокот имаше мирис од конференцијата во Јалта од 1945 година, каде што победниците во Втората светска војна го поделија геополитичкиот плен, тоа е затоа што тоа беше уште една пресвртница што го одбележа падот на мултилатерализмот и наднационализмот.

Европејците мора сами да одлучат каде се наоѓаат. Затоа, мора да разберат дека се сами во овој нов светски поредок. САД повеќе нема да ги земаат предвид нивните интереси, без разлика дали станува збор за прашања поврзани со безбедноста или трговијата.

Европа мора да стане глобална сила сама по себе, брзо и енергично соочувајќи се со целиот спектар на предизвици вклучувајќи ги вселената, разузнавачките служби и целиот дигитален сектор. Оваа ‘пресвртница’ во долгата историја на Европа бара многу поголеми и подалекусежни напори отколку само европско вооружување со конвенционална опрема и персонал, колку и да е важно тоа. Тоа е пораката од Алјаска за Европејците“.

Со вакви стравувања за иднината на Европа нѐ предупредува само Јошка Фишер. ЕУ со своите 500 милиони жители, умствени капацитети и како економски гигант веќе презема конкретни активности за историскиот предизвик да биде рамноправна глобална сила за што наредните години ќе следат голми промени.

 

И вековни непријатели прават компромиси

Во Азија највисоките функционери на Кина и Индија и уште десет азиски земји каде живее повеќе од половина светско население, и покрај многуте меѓусебни воени конфликти и жртви, ги затоплуваат меѓусебните односи. Победија интересите, се состанаа довчерашните непријатели да најдат решенија за глобалните закани. Ги подобруваат односите со компромиси за да ги остварат државните интереси.

Каде е Македонија во оваа голема европска и светска стратегија. Одговорот е никаде. Кај нас сите доктрини се за освојување на власта. Никој не го прашува премиерот Христијан Мицкоски за новиот светски поредок кроен според интересите на големите сили, ниту пак тој нешто кажува каде ја гледа Македонија по три, четири години. А, можеби е и подобро што никој не го прашува, имајќи ги предвид неговите одговори за многу полесни прашања.

Еве едно од тие прашања не од светски, туку од регионален карактер на кое нема одговор: што ќе се случува кога Албанија и Црна Гора ќе влезат во ЕУ и ако Србија стаса пред нас во ЕУ. И натаму ли разни листопадни и неспособни политичари ќе го трошат залудно скапоценото време на овој народ во сиромаштија, кавги и омрази. Македонија е блокирана од заробеници на историјата и географијата кои жртвуваа повеќе генерации граѓани кои веруваат дека ќе бидеме европска држава не само географски, економски, културно… туку и да се има свое безбедносно место и да се сочува државата во новата поделба на интереси. Во целиот државен врв нема личност со мисија кој може да гледа повеќе години напред.

Не е тешко да се погоди кога Албанија, Црна Гора и Србија ќе станат членки на ЕУ што тие ќе бараат од Македонија во поизострена форма од Грција и од Бугарија. Како тоа ќе се одрази на меѓуетничките односи во земјата?

Видовме какви страдања носат војните и во Украина и во Палестина и од сопствено искуство од распадот на Југославија и од Втората светска војна, од сите војни. Но, заборавивме што носат договорите за мир. Што беше тоа „монета за поткусурување“ на масите кога големите сили го кројат мировниот договор во политички покер. Такви монети се малите држави кои не се во големите воени и политички сојузи. Членството во НАТО ни е добра безбедносна гаранција, ама и припадноста на ЕУ не е помалку значајна, бидејќи во Македонија има големи патриоти кои палат пожари за загрозените идентитетски посебности и го оневозможуваат тоа.

 

Атот им избега, трчаат по седлото

Поделени се главните улоги за јавен настап во трилерот „Мацедонише цуштенде“. Премиерот и министрите и претседателката на државата глумат дека членството во ЕУ останува наша главна стратегиска определба, а не преземаат ништо тоа да се оствари. Чекаат таа работа да ја заврши некој друг.

Во споредните улоги играат медиумските владини послушници јуначки врескаат – ма која, бре, Европа таму се собрала некоја бирократска збирштина на корумпирани политичари кои само нѐ лажат и работат против Македонија. Посебна улога имаат бројни статисти и разни шарлатани кои на домашен терен изигруваат храбри аналитичари, навредувајќи европски и светски државници кои сакаат да ѝ помогнат на Македонија и да ја обединат Европа во глобална светска, политичка и економска сила. Со таквата политика Македонија од фактор на стабилност на Балканот прераснува во фактор на судири и делби. Поради ваквата катастрофална политика големите сили можат во поделбата на Македонија да најдат решение за стабилен Балкан. Или, пак, да ја форсираат подобрата варијанта, која е во тек, да кренат раце и да нѐ остават сами да се распаднеме.

„Мудрата“ никогаш непроменета политика на ВМРО-ДПМНЕ е цврсто да стои на ставот дека нема попуштање, нема компромиси за национални и идентитетски прашања и кога тие не се загрозени како што пропагираат со години. За врвот на патриотската револуционерна партија тоа е само добар материјал со децении да се крева голема тревога за предавства на националните интереси за да се освои власта.

Ги заборавивте ли неодамнешните изјави на премиерот Мицкоски дека Преспанскиот договор со Грција бил добар, ист таков требало да има и со Бугарија. А, кога беше во опозиција прво тврдеше дека штом дојдат на власт ќе ги поништат срамните договори, а потоа малку се подисправи дека ќе направи подобри договори со Грција и со Бугарија. Сега тврди дека членството во ЕУ останува главен државен приоритет и дека не е никаков проблем Бугарите да влезат во уставот, ама ни требаат гаранции дека нема да ни стават нови вета. Со таа тврдокорност, со таа безидејност, со немање визија во една ваква ситуација која го тресе светот премиерот Мицкоски и државниот врв наликуваат на тој што трчал да го спаси седлото на атот што му избегал. (nezavisen.mk)

Ерол Ризаов

 

Back to top button
Close