Петнаесет месеци на Мицкоски – еден квиз

Ова беше долго топло лето. Како онаа славна серија од 1960-те. Со главниот јунак Бен Квик. Топлото лето уште трае, иако се впуштаме во есента. Одморот заврши, нѐ чекаат изборите. Локални, но со национално значење. Додека медиумите (не граѓаните) секој ден се бомбардирани со по десетина соопштенија од двете главни партии (од кои половина не ги објавуваат) по петнаесет месеци би требало да размислиме како се работи во онаа зграда покрај Вардар, славно унаказена. Таму е… Владата.

Македонскиот Бен Квик по долгото топло лето има уште две години и девет месеци да покаже дека навистина направил нешто во ова време и дека ќе направи во преостанатото. Не може премиерот Христијан Мицкоски да биде обвинуван дека ништо не направил. Се разбира и дека направил. Па, да видиме на што можете да се сетите по едната третина од неговиот мандат.

1 од 15

На денот кога положи заклетва како премиер Мицкоски…

A. Рече дека Македонија ќе се повлече од Преспанскиот договор.

Б. Дека Македонија ќе го поништи Договорoт за добрососедство со Бугарија.

В. „Ќе ја кажам срамната придавка при заклетвата затоа што ме потсетува на срамот што го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство, на моите неродени внуци“.

2 од 15

Освен тоа, на таа седница на 22 јуни, Мицкоски рече:

A. „Најавувам фуриозен почеток на проекти“.

Б. „Раст од пет отсто на БДП и годишна инфлација од 2 – 2,5 отсто“.

В. Завршување на децентрализацијата.

3 од 15

По изборите, Мицкоски постојано повторуваше една фраза:

А. „Партијата е најважна, другите се второстепени”.

Б. „Вашата одговорност (на функционерите) не е пред вашите партиски штабови, туку пред граѓаните“.

В. „Каква одговорност. Што е тоа?“

4 од 15

Откако пожарите и ова лето ги гореа македонските планини, Мицкоски пронајде кои биле одговорни за нив…

А. „Пожарите ни се случуваат затоа што немаме стока по планините да ја пасат тревата и затоа тревата ни е бујна, а сега ќе се исуши, топло е, и ќе почнат пожарите“.

Б. „Лично го следам тоа, не дека сум сештолог… но логично како претседател на Владата мора да гледате и стратегија да правите…“

В. „Опозицијата ги пали шумите“.

5 од 15

Нема стока по падините, но дали има диви животни по шумите?

А. Да, има. Лисиците се најзлобни. Тие со запалените опашки го пренесуваат пламенот од место на место.

Б. И на верверичките не им е простено. И тие имаат долги опашки.

В. Мечките ги исклучуваме, тие и така слегуваат по селата.

6 од 15

Премиерот велеше дека најважно е да си во периметарот на Трамп и прв да застанеш во редот.

А. Ред, всушност, и немало.

Б. Трамп не знае што значи тоа периметар. Тоа не е ни важно за него.

В. Најдоброто допрва доаѓа (во периметарот).

7 од 15

Мицкоски многу често ја употребува фразата „расфрлање пердуви“. Зошто?

A. Дека многу ги сака гулабите. Најмногу дунеците.

Б. Дека е опседнат со филмот „Собирачи на пердуви“. И особено со антихеројот во него, Беким Фехмиу.

В. Тоа ништо не значи, но изгледа убаво кога се кажува.

8 од 15

Колку пати во својот говор за 8 Септември ја спомена Европската унија?

A. Еднаш.

Б. Ниеднаш.

В. А што е тоа?

9 од 15

Во говорот на 8 Септември, Мицкоски цитираше песна од Гане Тодоровски…

A. Затоа што нејзниот наслов е „Нерези“, а од таму се гледа Влае.

Б. Затоа што тоа се убави патриотски стихови.

В. Затоа што некој му предочил дека сега е убаво да се цитира Гане.

10 од 15

Кој најмногу ќари од измените во Кривичниот законик?

A. Тогашните функционери на СДСМ.

Б. Половина од сегашната вмровска влада.

В. Сите заедно. Функционерската слога е како сноп стапчиња – тешко се крши.

11 of 15

Мицкоски вели дека ќе го изменат Кривичниот законик и ќе ги вратат изменетите членови. Кога ќе се случи тоа?

А. „Лимбурга месеца“ (Во стариот скопски сленг тоа е фраза за – никогаш).

Б. До крајот на годинава.

В. А зошто да се враќаат?

12 од 15

Обидувајќи се да ги покаже своите дипломатски вештини, Мицкоски рече дека по бришењето на одредниците македонски јазик и идентитет од извештајот на Европскиот парламент „на талибански начин се брише македонскиот јазик од извештајот во Европа“…

А. Знае ли дека во Европскиот парламент се зборува на друг политички јазик од оној што тој го кажува овде.

Б. Меѓусебните односи во една таква комплицирана структура како ЕУ тешко може да се разберат од Скопје.

В. Тој непотребно провоциран „пораз“ беше одлична можност да се прослави уште една домашна „победа“.

13 од 15

Сите имаат некои црвени линии. Опозицијата сега ќе претставува свои за ќор-сокакот со ЕУ и Бугарија. Кои се тие на Мицкоски?

А. „Нема Бугари во уставот“.

Б. „Опозицијата се забегани комунисти“.

В. Црвена линија е линија во метро во многу европски градови. И таа води некаде.

14 од 15

Кога луѓето се прашуваа за мислењето на Мицкоски за загадувањето од Вардариште и Дрисла на неговиот роден град премиерот рече:

А. „Еј, сум ви кажал три пати дека загадувањето е само визуелно. А кога ќе го кажам тоа три пати тоа е вистина“.

Б. „Бидете сигурни, јас ги држам сите лостови и ги имам сите карти. Ќе го спасам Скопје од овој чад и миризбата што, сепак, ги имало, како што веќе направив со Македонија“ .

В. „Којзнае, не ја исклучувам можноста по осум години да се кандидирам за градоначалник на Скопје. Е, тогаш градот ќе процвета и ќе биде светска метропола“.

15 од 15

Кога некои му го поставиле прашањето на Мицкоски дали го гледа Александар Николоски како негов наследник, тој рекол:

А. „Да“

Б. „Не“

В. „Кој?“

Љупчо Поповски

Извор: dw.mk

Back to top button
Close