Најмалку 15 загинати во напад на бунтовниците на југот од Бурунди
– Најмалку 15 лица загинаа во вооружен напад во јужниот дел на Бурунди, пренесуваат британските медиуми, додавајќи дека засега не е познато дали жртвите се припадници на безбедносните сили, цивили или напаѓачите.
Борбите во округот Бугарама, во провинцијата Румонг, почнаа во неделата и траеја во текот на целиот вчерашен ден, изјави жител кој го избегнал нападот.
-Вооружените напаѓачи ги киднапираа сите што ги сретнаа на патот и во неделата утрината ги убија, пред да се впуштат во борба со војската, кажа локален жител кој сакаше да остане анонимен.
Висок владин претставник изјави дека нападот, што се случи во моментот кога во земјата се одржуваа локални избори, не бил неочекуван и е потенцијално поврзан со репатријацијата на бегалците од Руанда.
Имено, Руанда прифати илјадници бегалци од соседен Бурунди кои избегаа од насилството во 2015 година.
Во пораката објавена на Твитер, одговорноста за нападот ја презеде групата „Црвена Табара“, бунтовничка група која тврди дека се наоѓа во Конго, соопштувајќи дека во нападот „неутрализирала“ 29 полицајци, но овие информации не е можно да се потврдат, пренесуваат британските медиуми.
Во Бурунди, мнозинството се членови на народот Хуту, а малцинство се Тутси, исто како и во Руанда.
Земјата со децении е сцена на етнички и политички мотивирани насилства, вклучувајќи ја и крвавата 12-годишна граѓанска војна во која загинаа 300.000 луѓе, претежно цивили, потсетија британските медиуми. сд/