За балканските џинови и џуџиња

Петар Арсовски

Во историјата на еден регион, најчесто промените (бидејќи успешно сме потрошиле неколку века да си ги зезнеме државите) се болни, бавни, со многу труд, и не ретко, потребни се генерации за вистински трансформативни влијанија на општествата во кои толку неуспешно живееме. Но, одвреме-навреме, се појавува некоја, можеби космичка, конвергенција на оклности кои можат во кусо време да направат тектонски промени, квантен скок во судбината на повеќе нации.

Тивко, под облакот на чадот кој во моментов го дишеме, затскриени од поглед, но сметам дека во следните 18 месеци, постојат тенденции кои укажуваат на тоа дека во регионот е можеби дојдено такво време. Во наредните 18 месеци постои веројатност, која не е мала, Милорад Додик, Александар Вучиќ, и Виктор Орбан, да се претворат од џинови во џуџиња, од кондори во колибри. Овие тројца лидери, кои последната деценија ја обликуваа политичката сцена на Балканот и Централна Европа, можат да ја изгубат својата позиција и влијание, со што во овој регион би се случила тектонска промена, под услов вакуумот да не го пополни некој порадикален политичар. Сите тројца се движат кон своите најсериозни политички предизвици досега, и падот на барем двајца од нив е речиси неизбежен. Веќе гледаме како правниот систем, економските услови и улицата почнуваат да ја трошат нивната моќ. Прашањето не е дали ќе има промени – туку колку големи ќе бидат, и, на едно воајерско ниво, кој прв ќе падне.

Милорад Додик

Првиот, и најизвесен, е Милорад Додик, човекот кој мислеше дека е поголем од државата. Тој веќе ја загуби правната битка, што е преседан од историски размери за постдејтонска БиХ. Осуден е на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавна функција, а Централната изборна комисија, барем на хартија, му го одзеде и мандатот. Неговата реакција засега е целосно во негов стил – игнорирање на институциите, закани за ново осамостојување – класична игра на сецесионизам и драмолетка, по неговото познато сценарио, нешто што досега сме го сметале како редовен политички шлагворт во БиХ.

Но, приказната овојпат е малку поразлична. Меѓународната заедница се чини поодлучна, а домашната опозиција значително охрабрена. Доколку правната држава во БиХ покаже заби и го спроведе решението без да дозволи блокада на институциите, Додик ќе се соочи со губење на функцијата и со реален политички егзил и крах.

Секако, ова не значи дека неговото влијание ќе исчезне преку ноќ – Додик веројатно ќе се обиде да остане сива еминенција, преку инсталации на негови лојални луѓе на функциите во обид да продолжи да ја води политиката од сенка, но митот за неговата неприкосновеност е веќе растурен. Тој повеќе не е недопирливиот лидер кој без последици го уценува Сараево и меѓународната заедница. Оттаму, ако институциите издржат, постои реална можност Додик да биде политички елиминиран во следниот период.

 

Александар Вучиќ

Вториот, и најинтересен за нас, е Александар Вучиќ – политичарот кој ја има совладано вештината на преживување до совршенство. Но сегашната криза е нешто повеќе од уште еден во серијата бенигни протести кои ги решаваше со индивидуална комбинација на политичко корумпирање и авторитарна репресија. Сега тој буквално изгледа како кралот под опсада во својот замок, кој се чуди зошто луѓето не јадат колачи. Несреќата во Нови Сад ја прелеа чашата, и сега враќање назад нема. Илјадници, или десетици илјади, се постојано на улиците (зависно од тоа кој известува), а оставката на премиерот веќе покажа дека власта е под сериозен притисок. Сепак, Вучиќ не е лесно да се симне и смени – со цврста контрола врз медиумите, институциите и безбедносните структури, тој изгледа како сѐ уште стабилно закопан во ровови, а СНС е сѐ уште добро организирана изборна машина.

 

Но, неговиот политички капитал забрзано се троши: младите се сè понетрпеливи, економските проблеми растат, а меѓународниот притисок од Брисел и Вашингтон е посилен од кога било. Последниот авторитарен одговор само ќе ја забрза ситуацијата – репресијата е ефикасна на индивидуално ниво, но кога полицијата ќе почне масовно да тепа демонстранти, тоа станува механизам за регрутирање на нови протести.

Најреалното сценарио е дека Вучиќ ќе свика предвремени избори за да ја „ресетира“ својата легитимност. Но тоа е ризично – обединета опозиција би можела да постигне резултат што ќе ја разниша, или растури апсолутната доминација на СНС, под услов да останат онолку сплотени колку што засега најавуваат. Оттаму, тоа е вториот лидер кој се соочува со најголемиот предизвик досега.

 

Виктор Орбан

Третиот, Виктор Орбан (нагалено императорот), е најискусниот и најлукавиот од тројцата. Неговата контрола врз институциите е речиси апсолутна, а изборниот систем е калибриран за да го фаворизира Фидес. Но, дури и најдобро конструираните системи попуштаат кога економијата ќе тргне надолу, а Унгарија во последните неколку години се соочува со инфлација, раст на цените и пад на реалните плати. Урбаната средна класа, која досега му беше клучна база, почнува да се дистанцира од Фидес, и впечатокот на масовно незадоволство е сз позасилен. Опозицијата, која со години беше разединета и импотентна, конечно наоѓа заедничка точка околу партијата „Тиса“ и нејзиниот харизматичен лидер Петер Маѓар, и тие веќе последната година бележат значајно водство пред Фидес (6-8%), според „Политико“.

(Photo by Pier Marco Tacca/Getty Images)

Парламентарните избори во април 2026 ќе бидат моментот на вистината. Ако опозицијата успее да ја мобилизира енергијата и да ја надмине медиумската блокада, Орбан може да ја изгуби власта или да биде приморан на коалиција – нешто што би било шок за унгарската политика и тектонска политичка промена.

 

Што ако паднат тројцата „мускетари“?

Е сега, главното прашање е: што ќе се случи доколку овие тројца „мускетари“ изгубат, сценарио кое е веројатно во следните 18 месеци? Се разбира, тоа би било тектонско поместување на политичката сцена: (1) ако Додик падне, БиХ би добила шанса да ги зајакне институциите и да го деблокира европскиот пат; (2) ако Вучиќ изгуби, Србија може конечно да влезе во вистински процес на демократизација, со поголема медиумска слобода и појасен проевропски курс; и (3) ако Орбан биде поразен, ЕУ ќе добие шанса да го врати својот кредибилитет и да ја намали блокадата на европските политики кон Украина, Русија и Балканот.

 

Сепак, не треба да се занемари ризикот дека промената на вакви моќни лидери може да остави вакуум на моќ, кои традиционално кај нас се реперкуираат со нестабилни транзиции и радикализација на следната генерација политичари. БиХ би можела да се соочи со улични протести и блокади, Србија со институционални кризи и нестабилна нова влада, а Унгарија со обиди на Фидес да ја задржи контролата преку судството и администрацијата. Клучни ќе бидат правната издржливост на БиХ, економските движења во Унгарија, дали опозицијата во Србија ќе се обедини, и дали Брисел и Вашингтон ќе успеат да спречат пополнување на овој вакуум од порадикални играчи во регионот, особено под влијание на Русија.

Ако сите тројца паднат, Балканот и Централна Европа ќе изгледаат драстично поинаку: можеби поотворени кон ЕУ, помалку националистички, но и поизложени на период на политичка неизвесност. Историјата ретко нуди ваква можност – прашањето е дали општествата ќе ја искористат за реформи, или ќе дозволат нови радикали да го пополнат вакуумот. (Dw)

Back to top button
Close