ХИБРИДНО ЗБОРЛЕ

За само 3-4 дена имавме три огромни отровни пожари во главниот град на државата што го загрозија здравјето на половина милион луѓе, имавме двојно убиство во Велес од насилник кој бил пријавуван и суден за семејно насилство, имаме секојдневни протести против загадувањето, имавме протест со кој се одбележаа шесте месеци од пожарот во дискотеката во Кочани во кој загинаа 62 млади луѓе, и протест против зачестените случаи на убиства на жени само затоа што се жени (фемицид), а премиерот Христијан Мицкоски има само ова да го каже: „Ако сами направите кратка анализа, ќе видите кому му одговара оваа ситуација“.

Ние да правиме анализа? Па зошто плаќаме разни тајни служби, полиција, обвинителства, судии, регулаторни тела, градоначалници, инспектори, што државни, што општински, министри, прв вицепремиер, вицепремиери, ако треба сами да правиме анализа? На крајот на краиштата, зошто би го плаќале и премиерот ако ни вика: „Многу лесно граѓаните ќе дојдат до одговорот“? Мицкоски ни дава загатки. Наместо да играме Зборле, ќе ги откриваме непријателските центри на моќ „кои не сакаат Македонија да биде успешна земја, кои не сакаат да имаме стабилна Македонија која ќе се развива, ќе ниже успеси, ќе расте, ќе владее правото, ќе нема корупција и криминал…“

Бидејќи, Македонија сега е пример за успешна земја, ниже успеси, владее правото и нема корупција и криминал.

2За пожарот во Кочани видовме од снимки на мобилни телефони како се запали таванот на импровизираната дискотека, па веројатно не би требало да има дилема дали и тоа бил намерен напад од некој центар на моќ.

Што се смени после Кочани? Во процедури, во планови, во безбедносни проценки, во паркирање, во пристапност, во инспекции…? Три дена градоначалниците се сликаа дека ги проверуваат хидрантите и – толку.

Според начинот на кој целото општество се однесува по редицата несреќи, ние не сме научиле ама баш ништо. Тука ни серија трагедии со многу жртви не се доволни за да ни дојде памет. На сите, ама особено на властите. Па тие цела недела не можеа да се договорат дали пожарите се хибриден напад. Искрено, веќе не сум сигурен дали имаме институции што се способни да откријат хибриден напад. Со вакви институции и со вакви луѓе напикани во тие институции, утре, ако навистина се случи хибриден напад, ќе се чудиме што нѐ снашло.

Пу, пу, скраја да е, ама секогаш кога пишувам после некоја несреќа, шубе ми е да не кобам. Ама, ако ни Кочани, со 62 изгубени млади животи, со над 200 повредени и со траумата на цел еден град, па и цела држава, не беше доволно страшна трагедија да биде пресвртница, ние навистина живееме во ситуација на несреќа во најава.

Ќе загинеш во диско, ќе изгориш во болница, ќе те прегази мотор на пешачка патека во парк и никој нема да одговара, ќе се удавиш во поплава од неисчистени канали, ќе ти се преврти автобус што поминал технички преглед кај истиот газда, упорно ќе пријавуваш насилник во полиција, а тој ќе дојде дома да те заколе, комшијата ќе гради зграда, ќе ти ја затне канализацијата, ќе малтретира цело маало кафеанџија со гласна музика, а тие што треба да го сопрат ќе се сликаат на шанк со чашите во раце како наздравуваат…

Ние сме под хибриден напад од корумпиран систем на неспособни политичари веќе 34 години. А најлесен начин да се управува со несреќа што е предизвикана од корупција и неспособност е – да се измисли непријател.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close