Без преполовување на администрацијата нема реформи

Соња Крамарска

Мора да се направи филтрирање на партиските вработени кои ништо не работат а примаат плата, вели за ДВ професорот Борче Давитковски.

„Убаво речено, но ќе видиме колку ќе биде сторено“ – вака ја коментира професорот Борче Давитковски изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за професионализацијата на администрацијата. Претседателот на Владата, најавувајќи дека сака да ја донесе Европа дома претходно рече: „Ние сме генерацијата што ја презема иницијативата и сака да ја донесе Европа дома – преку современ сектор. Мора да ја извлечеме државата од мракот на партизацијата и да ја однесеме во светлината на европската иднина“.

Професорот Борче Давитковски кој својата универзитетска кариера ја посвети на предавања на Правниот факултет за административно право и јавна администрација, разочарано констатира дека стана дел од македонскиот фолклор во политиката штом се добијат избори да се вработуваат партиските лепачи на плакати.

„Вака се работи повеќе од 30 години а особено по 2006 година, кога со една одлука на влада се разрешија повеќе од 4000 раководни државни службеници. Практиката продолжува и денес. Ќе видиме каква ќе биде состојбата по донесувањето на новите четири закони кои ја регулираат оваа област. Од вербалните изјави на ресорниот министер, се чини дека конечно имаме политичка волја за спроведување на мерит системот во јавната администрација“, вели во изјавата за ДВ, д-р Борче Давитковски.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски држи прес-конференција облечен во темно син костум, бела кошула и светло сина вратоврска. Зад него е македонското знаме
Мора да ја извлечеме државата од мракот на партизацијата и да ја однесеме во светлината на европската иднина, порача македонскиот премиер Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Партизацијата рак-рана

Партиската администрација е рак-рана на македонското општество над три децении. Немаше влада што не даде ветување дека ќе ја намали и професионализира, меѓутоа во пракса се случуваа обратни процеси. Администрацијата се трупаше, а падот на стандардите во работењето беше обратно пропорционален.

Давитковски вели дека до професионална и политички неутрална администрација може да се дојде со преполовување на бројот на административците кој сега е далеку над потребите и можностите на државата.

„Моментално во јавниот сектор се вработени околу 135.000, без јавните претпријатија кои се околу 20.000, и ангажирани со договор на дело од кои околу 30.000 од комунални јавни претпријатија, преку сите државни органи до акционерски друштва во државна сопственост. Доколку се сака и има пред сѐ политичка волја оваа бројка би требало да се преполови и согласно со европските стандарди јавниот сектор да биде 20 до 25 отсто од вработените во реалниот односно економскиот сектор“, вели Давитковски.

Тој посочи дека првиот чекор со носењето на четири закони правно-формално е изоден но треба да ја видиме, додава професорот, неговата имплементација. „Тоа е најтешката работа во спроведувањето на такви реформи“, истакна соговорникот на ДВ.

Во петокот (19.09.) министерот за јавна администрација Горан Минчев и амбасадорот на Франција Кристоф Ле Риголер потпишаа Меморандум за соработка кој меѓу другото предвидува воспоставување Академија за обука и стручно усовршување на административните службеници.

Давитковски нагласува дека таква соработка имало од поодамна но со владини смени дошло до запирање на активностите од наша страна, а обучените наши административци во Франција не добиле шанса овде да го покажат европското знаење.

Архивска фотографија во крупен план на пензионираниот универзитетски професор по административно право и јавна администрација, Борче Давитковски во карирана кошула
Пензионираниот универзитетски професор по административно право и јавна администрација, Борче Давитковски (архивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Некаде во почетокот на овој век, тогашната влада и со големо залагање на тогашниот француски амбасадор Терал, спроведоа обука на две генерации наши државни службеници со помош на ЕНА – Високата административна школа за обука на администрација во Франција. Но за жал на француската страна а на наша штета, скоро сите слушатели кои ја завршија обуката од која дел се спроведе во Виши, кај Интернационалната ЕНА, по смена на власта останаа само со сертификатите во раце без унапредување на нивните службенички позиции. Се надевам дека оваа иницијатива и помош од француската Влада нема да ја доживее истата судбина“, вели професорот Давитковски.

Тестирање за секоја позиција

Министерот Минчев во петокот (19.09.) најави нов сет на законски мерки кои, како што рече, треба да резултираат со департизација, едукација и намалување на бројот на вработените во јавниот сектор. Меѓу најавените закони се за висока раководна служба, за плати и за организација и работа на органите на државната управа. Тој притоа оцени дека партизацијата, пријателските и роднинските вработувања изминатите 30 години ја направиле администрацијата гломазна и нефункционална. Според барањата на ЕУ ќе се скратат 40 отсто од буџетските корисници.

Давитковски вели дека за да се смени состојбата треба да има вистински реформи во јавниот сектор. Чекорите кои треба да уследат тој ги опишува во неколку фази.

„Конечно да се имплементира уставниот принцип за стручност и компетентност за влез во јавниот сектор и врз основа на програми од Агенцијата за обуки да се изврши тестирање за секоја позиција на трите нивоа на администрацијата на постоечките вработени, и кој ќе покаже знаење да остане, а другите да си го бараат чарето на друго место. Мора еднаш да се направи радикален рез, заради филтрирање на партиските и другите вработени кои по правило ништо не работат а примаат плата од државниот буџет“, изјави за ДВ пензионираниот универзитетски професор по административно право и јавна администрација, Борче Давитковски.

Куп документи едни врз други во преден план десно ставени на маса на која жена работи на компјутер

Во меѓувреме од бизнисот дојде предлог за преквалификација на вишокот административци. Новиот претседател на Сојузот на стопански комори Горан Ѓорѓиевски изрази надеж дека работната сила која недостасува во државава делумно ќе се обезбеди од јавната администрација, која би преминала во приватниот сектор. Ѓорѓиевски во своето прво јавно појавување како лидер на оваа стопанска организација истакна дека ако владата не најде начин на пренасочување на вишокот од јавната администрација во компаниите, ќе мора да се увезуваат работници од странство.

 

 

 

Back to top button
Close