82 ПРОЕКТИ ЗА 72 ЧАСА
Ех, кога ќе ми текне дека досега веќе требаше да се возиме беспари во новите 200 еколошки автобуси, а ние се радуваме кога ќе ни дојде ѓубрарката и трчаме по неа да ја фатиме.
Политиката во принцип е валкана работа. И за очекување е да има валкани партиски подметнувања и игри, особено пред избори. Ама изборна стратегија да ти е стварање биохазард во главниот град со намерно несобирање комунално ѓубре, тоа нели е малку безобѕирно? Па ова е, бре, како власта да им објавила биолошка војна на скопјани.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека досега 10 пати им се извинил на граѓаните што на Локалните избори во 2021 ја поддржал Данела Арсовска за градоначалничка на Скопје, ама дека кога сегашниот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски ќе стане градоначалник ќе го исчисти градот за 72 часа.
А што ако Орце не победи? Централната власт ќе ги казнува ли скопјани со несобирање на ѓубрето? Исто како што и досега ги казнуваше за погрешениот избор на нивната партија во 2021. Нели Владата нарача автобуси за градски превоз? Што ако Орце не победи? Ќе ја стопираат ли нарачката? Или ќе ги дадат по други општини каде што ќе победат? Пак ли ќе го блокираат Советот? Пак нема да гласаат за купување нови ѓубрарки?
Или еве, да речеме, бидејќи Мицкоски и Ѓорѓиевски веќе ги имаат преброено гласовите и Орце веќе станал градоначалник, што ако ВМРО-ДПМНЕ не успее да обезбеди мнозинство во Советот на Град Скопје? Што ако мнозинството со негласање му ги блокира проектите на Ѓорѓиевски? Или еве, да претпоставиме дека ќе добијат и мнозинство во Советот, ама што правиме ако Орце се покаже неспособен како што се покажа Данела Арсовска? И таа заедно со ВМРО-ДПМНЕ ветуваше 82 проекти за 82 дена, па на крај самата излезе како нивен најнеуспешен проект.
И ете, во 2025 година нѐ доведоа до дереџе од 82 проекти да паднеме на проект за чистење ѓубре. Додека во 21 век, среде Европа, уште примитивно ги палиме ѓубриштата како традиционално управување со отпад.
Туку, ѓубрарките во Скопје ионака се расипани, а нови не се купени минативе четири години. Со што ќе чисти Орце во првите 72 часа, ако победи?
Нели, власта секогаш се фали дека има на залиха општествено одговорни компании што им помагаат, од истурање песок во Трубарево до Пастрмалијада во Штип. Анонимни се донаторите, нели, христијански е да не се фалиш кога помагаш, ама сетики ќе им се појават имињата на некој тендер.
Зарем ќе чекаме Орце да победи, па да ни го соберат ѓубрето?
Мицкоски прво се извини што ги излажал граѓаните со Данела додека ветуваше дека ќе го направи Скопје модерен и чист град со бесплатен автобуски превоз. А сега им се заканува дека ќе фатат колера ако не го изгласаат Орце за градоначалник.
Ех, кога ќе ми текне дека досега веќе требаше да се возиме беспари во новите 200 еколошки автобуси што ги имаа капарисано Мицкоски и Арсовска. А ние се радуваме кога ќе ни дојде ѓубрарката. И трчаме по неа да ја фатиме.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК