Остани ѓубре од град до крај
Премиерот Мицкоски веќе четири години е во шок од ѓубрето од кое се давиме во Скопје. Затоа и оваа недела повторно се извинуваше што неговата партија ВМРО-ДПМНЕ ја кандидирала Данела Арсовска за градоначалничка. Заборави само една мала ситница-да се извини за фактот што ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство во Советот во Град Скопје.
Сепак, Мицкоски ништо од тоа не може да го измести, тој е прилично комотен што скопјани се прилично незаинтересирани за барање одговорност од вистинските луѓе, ниту пак знаат дека изборите не се единствениот механизам и оружје на граѓаните за изразување револт и протест кон некоја власт.
Она што е посебна гордост во моментов за Мицкоски е неговата самоувереност дека неговиот кандидат Орце Ѓорѓиевски ќе победи во Скопје, гарантирајќи притоа дека за 48 часа ќе го исчисти Скопје. Премиер на чија Влада ѝ се случи трагедија со 63 жртви во Кочани, екоцид со секојдневно палење на депонии и опасни хемикалии и отрови во Трубарево, а притоа за овој период додека владее ниту ги проверила лиценците на ноќните клубови и сите останати објекти, за да излезе потоа на терен, за да ги спореди со фактичката состојба.
Имајте разбирање, едноставно не може да се постигне со контроли и проверки на хаосот и безредието, ова е огромна држава и територија, потребни ви се неверојатни час и половина за да стигнете од нејзиниот почеток до крајот и обратно. Не се залажувајте дека е лесно да се работи во такви неподносливи услови, тоа подразбира армија луѓе од партиски војници, кои во суштина земаат плата со години а воопшто и не е познато дали навистина постојат или се само фиктивни вработени, специјално креирани на некој компјутер, за да бидат дел од гласачката машинерија, која перфектно, филигрански е конструирана во подземните ходници на ова дно кое се создаде од држава.
И така, вербата во сопствената успешност на власта се зголемува секојдневно, особено кога ќе се сети дека и не заинтересирала нешто особено за да ги заштити соодветно депониите, со што секако ќе се спречеше или барем ќе се намалеа темпираните бомби низ месециве. Тука ви се значајните успеси на власта во заборавање на набавка на соодветна опрема за гасење на пожари, да не спомнуваме и дека особен придонес има и во деменцијата кога треба да обезбеди доволно човечки ресурси да се справат со подметнувањето на пожари.
Ова ви е Влада на која повеќе од една година специјалност ѝ стана кукање и лелекање за корупција во судството, но притоа заборавила дека ветила дека ќе покрене истрага на потеклото на имот на судиите и обвинителите, иако сите надлежни институции за вакви робусни акции се во рацете на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Не заборавајте, на секојдневниот репертоар повеќе од една година е офкање и запомагање за партизирана администрација, иако со нагласен ентузијазам продолжуваат со вработувања согласно партиските списоци, при што секоја желба на коалиционите партнери мора во одреден момент и да се испочитува. Ламентирањата за дивоградбите воопшто и не треба да се спомнуваат, затоа што не постојат државни закони ниту државни институции на ниедна од овие локални теми, ќе ви кажат овие од власта.
Луѓето како луѓе, им веруваат на збор, едноставно кренала раце власта, кренале со нив и луѓето и сите хорски повторуваат дека не постои никаков начин за средување на отпадов од држава, затоа што не знаат од каде да почнат со работа, каква би било тоа главоболка во најава. Ете, затоа, со радост и олеснување е донесена одлука, со акламација и консензус поддржана, воопшто и да не се почнува со таа проклетија од работа, затоа што кога се работи и се греши, а ВМРО-ДПМНЕ се безгрешна партија, барем како таква се покажала низ трите децении историја на оваа држава.
Затоа, доколку навистина Советот на Град Скопје каде што мнозинството е на ВМРО- ДПМНЕ, и заедно со нивната Влада беа искрено заинтересирани барем за најбаналната акција- чистење на депонијата Скопје, не постои сила која можеше да ги спречи да се справат. Но, одбраа пат на вистински патриоти- да остане ѓубре од град сѐ додека тие не одлучат дека е време за крај на изживувањето. Не се сомневам дека граѓаните ќе го наградат ваквото државничко однесување на апсолутната власт на ВМРО-ДПМНЕ на следните избори, конечно таков исход се добива само по заслуга. А граѓаните на оваа земја заслужуваат само најдобро, што оваа година и нешто ВМРО-ДПМНЕ го покажа со сиот свој сјај и раскош.
Биљана Секуловска