Тргнуваат изборните каравани, кампањата почна

Катерина Блажевска

Време е поголемите партии да почнат промени во кампањите по урнек на оние од стабилните европски демократии, вели поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска.

Насмеани ликови на билборди, изборни слогани, повици за победа, средби со граѓани, политички претставувања, партиски митинзи… Во наредните денови ова ќе биде доминантна атмосфера во 80 општини и Градот Скопје во пресрет на локалните избори на 19-ти октомври, за кои кампањата денеска (29.09)  и официјално започна. Таа ќе трае до 17-ти октомври, а резултатите од испитувања на јавното мислење може да се објавуваат најдоцна пет дена пред изборите, на 13- ти октомври до 24 часот.

Граѓаните и немаат впечаток дека стартот е сега, со оглед дека кампањата неформално започна многу порано.

„Кај нас веќе од пред еден месец и повеќе е почната кампањата”, вели поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска.

Очекува локалните избори да поминат генерално во мирна атмосфера, а во однос на темите кои доминираат, забележува дека доминираат оние кои се иманентни за парламантарни и претседателски избори.

„Преовладуваат национални, па дури националистички претставувања, прашања од национална безбедност, проширувањето на ЕУ – небаре за тоа директно ќе решаваат градоначалниците – и уште еден куп несоодветни прашања, како да сме пред парламентарни или претседателски избори. Но, не и дека се загушивме од смет, кој нема кој да го собира и покрај тоа што плаќаме комунални услуги, или што дишеме лош воздух. Веројатно, долг е списокот на прашањето за тоа што треба да работи локалната самоуправа, за нејзината конечна и вистинска децентрализација и дали вистинските личности со визија и оперативни способности ќе ги заземат тие места за градоначалници и советници“, вели поранешната пратничка.

Жена со куса црвена коса (поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска) позира за фотографија
Марковска: Мислам дека е време поголемите партии со стабилно и постојано гласачко тело да почнат промени во кампањитеФотографија: DW/K.Blazevska

Кампања како досега

Понудата квантитативно е богата, дали и квалитативно? Во трката за 80 општини и градот Скопје има вкупно 309 кандидати за градоначалници и 577 кандидатски листи за членови на општинските совети. Бројот на кандидати за градоначалник за Град Скопје е 16. На oсмите локални избори од независноста на државата, право на глас имаат вкупно 1.832.415 избирачи, од кои 112 илјади се запишани во посебниот избирачки список како лица кои се одјавиле и се на привремена работа и престој во странство. Со оглед дека за локалните избори не се организира гласање во дијаспората, тие ќе можат да го остварат своето право ако дојдат да гласаат во земјата.

До денот на гласањето кандидатите ќе треба да го реализираат најдобриот начин за комуникација со гласачите. Но, оваа кампања засега не се навестува иновативен пристап, различен од досегашниот. Ред митинзи, ред дуели, изборни флаери на кандидатите оставени пред куќни прагови и поштенски сандачиња, се дел од вообичаениот изборен фолклор.

„Мене како граѓанин, ми пречат прескапите кампањи со големи митинзи за претставување на кандидатите, скапите медиумски презентации, пропагандните материјали со кои се ‘полнат контејнерите’“, вели Ѓулистана Марковска.

„Мислам дека е време поголемите партии со стабилно и постојано гласачко тело да ги почнат промените во кампањите по урнек на оние од стабилните европски демократии, во кои кандидатите се претставуваат пред станбени згради, поголеми шопинг центри и непосредно пред граѓаните зборуваат какви се нивните визии за животното опкружување. Изгледа за вакви кампањи ќе треба уште многу долго време да чекаме“, оценува таа.

„Животинско царство“

Денеска тргнуваат изборните каравани – по средбите во Могила и Демир Хисар, СДСМ ја почнува кампањата со централен настан во Крушево, а ВМРО-ДПМНЕ во Скопје. Непосредно пред почетокот на кампањата, СДСМ и ДУИ вчера одржаа партиски конвенции на кои ги презентираа кандидатите за градоначалници и советници. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека тие и нивните партнери ја преземаат обврската да бидат двигатели на слободата, правдата, еднаквоста и гаранти за европската иднина на државата.

Партиската централа на СДСМ во Скопје
СДСМ ја почнува кампањата со централен настан во КрушевоФотографија: MAKFAX

„Пред нас е нова битка за стабилна, интегрирана и просперитетна Македонија“, повика тој, а се осврна на претходни грешки.

„Да, и ние сме грешеле. Граѓаните нè казнија и тоа е лекција што ја прифативме без изговори. Денес стоиме со нова енергија и со нова понуда. Не бараме бланко доверба, бараме шанса за овие луѓе во кои јас цврсто верувам, што ќе ја мерите на дело. Нашата политика не е за моќ, туку за ред, соработка и услуга за граѓаните. Нашата амбиција не е да владееме без контрола, туку да ја воспоставиме контролата што им припаѓа на граѓаните”, рече Филипче.

Али Ахмети, претседател на ДУИ – партијата предводник на коалицијата „Национална алијанса за интеграција (НАИ), од синоќешната конвенција посочи дека противниците на нивната коалиција ги загрозуваат правата на Албанците и создаваат меѓуетнички тензии. За опонентите ги употреби зборовите кучиња и зајаци, а за НАИ – орли.

„Мицкоски со кучиња оди на лов на зајаци, но не и на орли. Орелот не се бори со кучиња, слуги и негодници кои ги дресирате за да нè оцрните. Орли, летајте високо во синилото, кучиња, чувајте се од зајаци“, повика Ахмети од конвенцијата во салата „Борис Трајковски“.

Маж со бела коса (лидерот на ДУИ; Али Ахмети) на говорница, додека зад него има голем банер на кој се гледа дел од црн орел на црвена позадина
Ахмети: Мицкоски со кучиња оди на лов на зајаци, но не и на орли (архивска фотографија)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Од ВМРО-ДПМНЕ испратија порака до Ахмети – не си орел, туку врапче.

„Не сте орли, туку криминални и корумпирани страчки. Најгласни се токму најуплашените (…) ДУИ ќе ги изгуби речиси сите општини во земјата. По изборите очекуваме врапчињата да носат писма со понуди за коалиција, со бланко отстапки и ветувања дека ќе се реформираат. Секако дека ќе се насмеeме на тие понуди“, се наведува во соопштението.

Партиската централа на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје
Од ВМРО-ДПМНЕ испратија порака до Ахмети – не си орел, туку врапчеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Да биде трка на идеи

Иако се очекува реториката да се вжештува, граѓаните очекуваат партиите и кандидатите да се воздржат од говор кој стимулира омраза и поделби. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, ги повика сите политички субјекти, кандидати, институции, медиуми, активисти и граѓани да се воздржат од секоја форма на притисок, користење говор на омраза, поларизирачка пропаганда и злоупотреба на јавните ресурси за време на избориот период.

„Да биде трка на идеи и програми – без инциденти, без заплашувања, без навреди или омаловажувања. Граѓаните заслужуваат почит, а демократијата бара одговорност. Демократијата не се мери со победата на еден поединец или партија, туку со достоинството на изборната трка. Затоа, со доверба очекувам овој изборен процес да биде сведоштво за нашата демократска зрелост и одраз на нашите европски аспирации“, повика Гаши.

 

Back to top button
Close