Курти: Јас сум нормален, екстремен изгледам поради моите ненормални претходници
Косовскиот премиер Албин Курти тврди дека, за разлика од „попустливите претходници“, неговата влада доследно ги затвора нелегалните институции на северот, иако токму тоа сега создавало дипломатски тензии бидејќи не му помагало на Вашингтон во оддалечувањето на Србија од Москва.
Премиерот на Косово, Албин Курти, од САД изјави дека нема да прави компромиси кога станува збор за „конечното владеење на правото“ на северно Косово, што, според него, е причината за суспензијата на Стратешкиот дијалог со САД, објави порталот „Косев“.
Критикувајќи ги своите претходници дека биле „премногу попустливи“ кон Србија, тој оцени дека неговата влада е доследна во затворањето на „нелегалните институции на северот на земјата“, поради што сега се соочува со дипломатски пречки – бидејќи, според пораките на американски официјални лица, тоа не му помага на Вашингтон во напорите да ја оддалечи Србија од Москва.
Откако претседателката Вјоса Османи речиси една недела престојуваше во Њујорк, Курти отпатува во САД по суспензијата на Стратешкиот дијалог на 12 септември, токму поради неговите политики и изјави.
Курти пред заминувањето изјави дека односите со САД не се „нарушени“, туку дека постојат разлики околу „нелегалните институции на Србија“.