Калас: Парламентарните избори во Молдавија беа конкурентни и добро организирани
Прелиминарните наоди и заклучоци на ОБСЕ/ОДИХР укажуваат дека парламентарните избори во Молдавија беа конкурентни, нудеа јасни политички алтернативи и беа добро организирани според јасна законска рамка, се наведува во писмената изјава на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во врска со изборите во земјата одржани во неделата.
– Граѓаните на Република Молдавија го искористија своето демократско право на глас на парламентарните избори. Резултатите од изборите ја потврдуваат трајната поддршка на народот за европската иднина на Република Молдавија, како што е предвидено во нејзиниот Устав. Гласачите дадоа јасен и силен мандат да продолжи решителниот ангажман на Република Молдавија кон членство во ЕУ, се наведува во изјавата на Калас објавена синоќа во име на Европската Унија.
Според Калас, новиот изборен закон и предвидените услови за подобност на кандидатите за пратеници, предизвикале „некои проблеми“, но Централната изборна комисија била „отворена за нивно решавање“.
Калас во изјавата посочува и дека како што забележала и мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, изборната кампања и самото гласање во Молдавија се одржале „во контекст на невидено и повеќестрано мешање и притисок од страна на Русија“.
– ЕУ остро ги осудува постојаните хибридни напади од страна на Русија и нејзините сателити насочени кон поткопување на владеењето на правото и демократскиот процес во Република Молдавија и кон поттикнување на дестабилизација на земјата и поларизација преку масовна употреба на дезинформации, купување гласови, кибер напади и обука на насилни провокатори, наведува Калас.
Таа натаму во изјавата посочува дека ЕУ ја поздравува отпорност и решителност на молдавските граѓани во спротивставувањето на злонамерното мешање на Москва и во одбрана на нивниот слободен избор, како и напорите на надлежните институции во Молдавија за обезбедување на интегритетот на изборите и покрај постојаните надворешни манипулации и притисоци.
– Европската Унија со нетрпение очекува блиска соработка со новиот Парламент и новата Влада за унапредување на пристапувањето кон ЕУ и спроведувањето на Реформската агенда, како и за подобрување на отпорноста и економскиот раст на земјата. Иднината на Република Молдавија и нејзините граѓани е во рамките на Европската Унија. Ја поздравуваме Република Молдавија за квалитетот и брзото темпо на реформите поврзани со пристапувањето, како и нејзиниот значаен напредок постигнат досега. Подготвени сме да ги преземеме следните чекори во процесот на пристапување во согласност со принципот базиран на заслуги и дополнително да ги унапредиме пристапните преговори, додава Калас во изјавата посветена на молдавските парламентарни избори.