Мицкоски дозна како се станува патриот
Ерол Ризаов
Стотици илјади граѓани и семејства во Македонија по царскиот указ на Мицкоски се најголеми патриоти кои ја спасуваат Македонија од исчезнување. Браво премиере, конечно ти текна
Голема радост ме облеа кога лично премиерот Христијан Мицкоски ме прогласи за голем патриот. Ете тоа ти е права политика и предизборна кампања. До вчера си странски платеник и предавник, а од денес си патриот и тоа голем. И што е многу значајно не само јас, туку стотици илјади граѓани и семејства во Македонија по царскиот указ на Мицкоски се најголеми патриоти кои ја спасуваат Македонија од исчезнување. Браво премиере. Конечно ти текна.
Како се случи оваа историска трансформација да се најде вистинската дефиниција што е патриотизам и тоа баш во предизборна кампања за локални „кметови“. Овој пресврт се случи откако нашиот премиер „вчера“ дозна нешто што науката и не само науката, туку егзактните стравични податоци секојдневно со години алармираат дека иднината на Македонија во догледно време е да стане еден голем пензионерски дом и да доживее социјална пропаст со помалку од еден милион жители. И еве го скокна премиерот да ни соопшти дека најголеми патриоти се граѓаните кои имаат семејство и повеќе деца.
Што го исплашило премиерот
Исплашен за катастрофата што може да ја снајде татковината во блиска иднина точно го пресметал датумот кога ќе има помалку од милион жители во земјата. Е, тогаш, извика премиерот, следува апокалипса, односно ќе имало подеднакво вработени и пензионери што значи на еден пензионер треба да му ја обезбеди егзистенцијата еден вработен. Аууу, веднаш пиши банкротирана држава која исчезнува, поточно веќе исчезнала.
Ете тоа го исплашило премиерот Мицкоски експресно да ја смени својата дефиниција и целата доктрина на ВМРО за тоа што е патриотизам, национална гордост и достоинство. Богами и треба да се исплаши и не само тој бидејќи секое вакво предупредување, а ги имаше илјадници дека нивниот партиски инжинеринг за лажен патриотизам што го пропагираат откако постои оваа политичка партија ја води Македонија во катастрофа, во неминовно пропаѓање.
Ајде сега да видиме на кого мисли навистина Мицкоски кога вели дека најголем патриотизам е да се има семејство и повеќе деца. Не е јасно, како и во секоја негова историска изјава, дали тоа се однесува баш на сите граѓани кои тоа веќе го постигнале, или само на припадниците на најпатриотската револуционерна партија каде патриот се станува автоматски штом земеш членска карта, а и не мора баш да се зачлениш доволно е да гласаш за ВМРО ДПМНЕ тоа веќе те прави патриот. А, од денес па натаму ако формираш семејство и правиш повеќе деца стануваш голем патриот.
Чекај сега малку, запри се, што правиме со предавниците и велепредавниците што ги продадоа националните и државните интереси, а имаат многудетни семејства. Ништо, тие и натаму остануваат предавници со таа разлика што и нивните деца се прогласуваат за предавници. Мислам таа доктрина е од поодамна во тек и носи изборни победи и не може така наврат на нос да се менува. Нели премиере.
А што се тие што немаат деца
Добро, а каде припаѓаат луѓето кои немаат деца, а работат чесно, плаќаат данок на државата, имаат свои фирми и компании, вработуваат луѓе кои имаат семејства и деца и плаќаат исто така даноци и придонеси . Дали тие луѓе не се патриоти.
Можеби премиерот Мицкоски во следната прилика ќе каже, или некој непатриотски новинар, странски платеник ќе го праша дали се патриоти луѓето кои избегаа од таковината и работат во странство имаат семејства и деца кои учат во странство таму плаќаат даноци, а праќаат и пари на своите блиски во татковината за да преживеат, дали и тие не се патриоти. Интересно би било Мицкоски како експерт за патриотизам да каже дали и овие стотина илјади македонски граѓани со бугарски пасоши кои заминале во странство за да се спасат од земјата недојдија се патриоти, или предавници, или пак се предавници само тие кои добро се укотвиле во патриотската партија со бугарски пасоши и швајцарски банкарски сметки за секој случај.
Има уште многу прашања и одговори за вистинскиот и лажниот патриотизам кои изгледа нашиот премиер не верувам дека не ги знаел и не ги прочитал до сега, но овојпат инспириран од своите предизборни настапи за апсолутна победа влегнал во фаза на некаков патриотски вознес да ја открива катастрофаланата иднина на државата ако не се раѓаат повеќе деца отколку што умираат граѓани. Иако одамна пишувам за лажниот патриотизам на ВМРО ДПМНЕ, клучното прашање на кое треба да одговори прмиерот Христијан Мицкоски е колкав е придонесот на неговата политичка партија и неговиот личен придонес во упропастувањето на Македонија. Како тоа сега дури по 35 години ширење пропаганди за предавства на националните интереси, за прогласување на непријатели, сега наеднаш патриотизмот бил да се има семејство и повеќе деца. Види мајката, откако ја изолиравте Македонија од светот, откако партијата стана прибежиште за богатење, стекнување лажни дипломи, за вработување и за егзистенција и спасување од сиромаштија ви текна што е вистинскиот патриотизам и тоа само за една употреба додека завршат изборите.
Премиерот Христијан Мицкоски ќе остане запаметен по своите изјави за една употреба, после тоа треба да се фрлат во заборав оти имаат краток рок на траење, брзо се менуваат и расипуваат. Она што останува на подолг рок за катастрофата на државата е нејзината самоблокада да стане успешна европска држава во која младите луѓе ќе најдат свој интерес да останат и да работат и да ја сакаат својата земја, а не да се радуваат кога ќе заминат во странство. Тука треба да ги пронајде и Мицкоски и партискиот врв своите заблуди и намерни лаги и разгорување на омразата во Македонија со лажните патриотски пропаганди кои направија пустош во свеста на граѓаните. (Независен мк)