Мини саем на книгата пред кумановската библиотека

 Кумановската библиотека „Тане Георгиевски“ во соработка со издавачки куќи почна со организација на мини саеми на книгата, кои се одржуваат на просторот пред јавната општинска установа. Ова недела, почнувајќи од денеска сè до 29-ти август, библиотеката го организира саемот со издавачката куќа „Матица Македонска“. Посетителите ги запазуваат здравствените протоколи и ја користат можноста да се снабдат со бестселери, стручна литература по саемски цени.

– Веќе имаме наши корисници, читатели кои го посетија штандот. Ги покануваме љубителите на пишаниот збор да го посетат саемот, да ја збогатат домашната библиотека и на тој начин да уживаат во најновите изданија, изјави директорката на библиотеката, Христина Алексовска.

И наредната недела ќе се одржи уште еден мини саем со издавачката куќа „Антолог“. Алексовска вели дека нивните читатели со нетрпение го очекувале отворањето на библиотеката и веднаш имале посетеност и на одделот за возрасни и на одделот за деца. Кумановци во екот на годишните одмори бараат белетристика, љубовни, историски романи, трилер, класици.

Библиотеката не работеше извесен период од почетокот на корона-кризата, а почна со работа на почетокот од летово. Читателите, приближно пет илјади колку што се евидентирани во установата ги посетуваат двата оддели, почитувајќи ги здравствените протоколи.

Back to top button
Close