Востание на генерацијата Z: Младите бараат промени
Млади луѓе протестираат низ целиот свет против корупција, нееднаквост и злоупотреба на моќта. Тие се дигитално поврзани, креативни и решителни. Т.н. Генерација Z е на нозе од Србија до Мадагаскар.
Мадагаскар: Протестно движење против претседателот
За Херизо Андриаманантена, портпарол на групата Gen Z Madagascar, работите се јасни: „Имаме обврска да промениме сè. Сигурно е дека очекуваме импичмент и оставка (на претседателот). Особено оставката“, изјави тој за ДВ.
Светскиот протестен бран на генерацијата „Z“ сега стигна и до Мадагаскар. „Да се промени сè” за демонстрантите значи крај на лошото управување и корупцијата – претседателот Андри Раџоелина мора да си замине, бидејќи смената на владата што тој ја отпушти не е доволна.
Според Обединетите нации, во протестите кои започнаа поради прекини на струја и недостиг на вода за пиење, во последните денови биле убиени најмалку 22 лица, а 100 биле повредени.
Но мобилизацијата, предводена од добро образовани млади луѓе на возраст од 18 до 28 години, продолжува и покрај заканите и заплашувањата, вели Андриаманантена. Младите се чувствуваат како мнозинство: повеќе од половина од 32 милиони жители на Мадагаскар се под 30 години. Нивен светол пример: Непал.
Непал: Генерацијата Z ја урна владата
Владата на Непал блокираше 26 платформи за социјални медиуми, како Фејсбук и ТикТок, наводно за да ја заштити националната безбедност. Генерацијата Z протестираше, десетици илјади излегоа на улица.
Под хаштагот #NepoBabies (термин за луѓе кои напредуваат благодарение на влијателни родители), тие ја разобличија корупцијата и непотизмот – и покрај десетиците жртви, ја урнаа владата на премиерот Кадга Прасад Шарма, а преку онлајн гласање ја избраа Сушила Карки, поранешна врховна судијка и борец против корупција, за наследничка.
„Очекуваме континуирано политичко будење, предводено од генерацијата Z“, вели Раџат Дас Шреста, еден од лидерите на движењето Gen Z во Непал, за ДВ. „Владите можат да паднат кога младите ќе се кренат.“
Она што се случи во земјата со 30 милиони жители, сместена меѓу Кина и Индија, е модел за многу Gen Z протестни движења ширум светот.
„Ако властите продолжат да ги игнорираат соништата и фрустрациите на младите, слични настани ќе се случуваат и во други земји од регионот“, вели Шреста. Како во Индонезија и на Филипините, каде неодамна млади луѓе исто така протестираа против корупција и нееднаквост.
Србија: Востание на генерацијата Z по уривање на железничка станица
Не само во Азија – генерацијата Z протестира и во Европа. „Тоа беше капката што ја прелеа чашата“, вели Јелена Попадиќ, една од портпаролките на протестното движење за ДВ. Таа, студентка по медицина, алудира на обидот на српската политика да го прикрие уривањето на покривот на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, при што загинаа 16 лица. Причина за трагедијата: лоша градба и корупција.
Оттогаш, веќе речиси една година, генерацијата Z ја блокира Србија – со окупирани факултети, неделни демонстрации, блокирани крстосници и напади врз канцеларијата на партијата на претседателот Александар Вучиќ. Протестите се насочени главно против авторитарната влада на Вучиќ.
Нивен боен повик: „Пумпај“, што значи „Додај“ или „Засили“. Вучиќ се обидува да ги задуши протестите со сила – безуспешно.
„Студентите немаат страв и таа храброст ја пренесоа на целиот народ“, вели сменетиот генерал Богољуб Живковиќ за ДВ. Генералот, по над 30 години служба, бил пензиониран од Вучиќ затоа што неговиот син, студент по право, учествувал во протестите и барал крај на корупцијата.
Мароко, Перу, Парагвај – протестниот бран на Gen Z во Латинска Америка
Нема страв ни кај младинското движење во Мароко, кое досега делуваше анонимно. По протестите во ноќта кон средата (1 октомври), според агенцијата ДПА, имало 280 повредени и над 400 уапсени.
Главна причина за протестите е постојаната корупција. Но и изградбата на стадиони за Светското првенство во фудбал 2030, кое Мароко ќе го организира заедно со Шпанија и Португалија – наместо, како што бара „Gen Z 212“, да се градат нови болници.
Зошто „Gen Z 212“? Едноставно: 212 е меѓународниот телефонски префикс за Мароко. Повиците за демонстрации се шират преку ТикТок, Инстаграм и гејминг-платформата Дискорд.
И во Парагвај и Перу, младите се уморни од непотизмот и не сакаат повеќе да ги прифаќаат празните ветувања на политиката. „Ние сме 99,9 проценти и не сакаме корупција“, беше мотото на протестите во главниот град Асунсион минатиот викенд.
Претходно, генерацијата Z во Лима протестираше гласно со тапани против корупцијата, непопуларната претседателка Дина Болуарте и планираната реформа на пензискиот систем.
Во Перу, како и на сите Gen Z демонстрации ширум светот, присутно е едно знаме: пиратско знаме со череп и сламена капа од култниот аниме „One Piece“.
Главниот лик од пиратската епопеја, Монки Д. Рaфи, се бори за слобода и правда. Една од неговите најпознати изјави би ја потпишале сите млади демонстранти:
„Сакам да создадам свет во кој сите мои пријатели ќе можат да јадат колку што сакаат!“(dw)