Изборите и Скопје: Како да се врати достоинството на градот
Локалните избори кои се одржуваат на четири години, станаа список на желби затоа што многу ретко се остварува тоа што кандидатите го ветуваат. Така и главниот град Скопје, после толку избори и смена на градоначалници, наместо да се развива, ги живее своите најлоши денови. И на овие избори фаворитите ветуваат подобрување на градскиот превоз и чистота, намалување на загадувањето, но поради запуштениот изглед на градот ниту еден кандидат не се осмелува да го спомне зборот „метропола“ кој е синоним за главен град на една држава.
ДВ разговараше со истакнати луѓе од повеќе области за тоа што му недостасува на Скопје за да стане метропола во вистинска смисла на зборот. Пред сѐ, треба да има метро за да се реши јавниот превоз оти е ужасен, нѝ рече познатата македонска режисерка Тамара Котевска.
„Ако се реши јавниот превоз со метро или трамвај, на улиците нема да има толку автомобили, ќе нема загаденост и ќе се развива друга култура. Исто така се потребни и култни места за собирање на младите. Има многу неупотребливи архитектонски простори кои го нагрдуваат градот и треба да се пренаменат за таа цел. Сметам и дека треба да се развие култура на размена која постои во европските и светските градови – каде има денови на отворен пазар еднаш неделно или еднаш месечно, на кои се врши размена на облека, куќни предмети и слично кои наместо да завршат во отпад бидејќи не се веќе потребни, продолжуваат да се користат во друго семејство. Тоа ја поттикнува и интеракцијата меѓу луѓето, го намалува консумеризмот и води кон рециклирање“, смета Котевска. Тоа, посочува Котевска, одлично функционира во многу светски градови. „Тоа му недостасува на Скопје. Нема циркулација и тоа го прави затворен град“, изјави таа за ДВ.
Недостасува јужна обиколница
Поранешниот амбасадор Андреј Лепавцов, кој живееше и работеше во Брисел како прв човек на нашата мисија во ЕУ, и кој е претседател на Инженерската институција на Македонија, оценува дека Скопје е град на кој му недостигаат клучните параметри. „Инфраструктурата е недоволно развиена, нема брзи надземни и подземни сообраќајници, постоечките булевари се веќе закрчени. Недостасува јужна обиколница, со која би се формирал кружен прстен околу Скопје. Одржувањето на инфраструктурата е парадигма на генералниот менталитет на немање на култура на одржување на тоа што е направено“, вели тој.
Лепавцов смета дека непостоење на мултимодален транспортен систем, го остава секој патник во дилема како да се транспортира во Скопје и околината, а проблем е и јавната чистота и собирањето на комуналниот отпад,загадениот воздух, немањето на доволна културна и туристичка понуда, атрактивни, но недоволно презентирани историски и природни знаменитости, и немањето на саемски и конференциски простор, како и комунална полиција. „Тоа го прави Скопје неатрактивен град, со перцепција за запуштеност, незаинтересираност и генерална неодговорност”, заклучи тој.
Нашиот познат актер Игор Ангелов во изјавата за ДВ разочарано констатира дека „Скопје е дијагноза“ при што градските власти не си ја вршат работата, а отсуствува и свест кај населението и поради сето тоа, вели, живееме во најзагадениот и најнечист град во светот. „Мислам дека е најважно да се смени свеста на скопјани кои фрлаат отпушоци, ѓубре надвор од контејнери и сл. Просто не ми се верува дека сѐ уште живееме во град каде што никому не му е гајле каде паркира, како се однесува, сообраќајот е речиси дивјачки. Сите ние можеме да придонесеме ако секој исчисти пред својот двор. Исто така би посакал да се прогласи мораториум за градба во наредните 20 години, да се размислува за зелени простори, и се разбира мора да се реши проблемот со јавниот превоз и и со отпадот кој мора да се рециклира“, изјави Ангелов.
Актерот во негов стил додава и дека на местото на изгорениот магацин за електронски отпад во Трубарево, треба да се изгради голем затвор, меѓу другото и со луксузни ќелии за кои вели дека „се знае за кои“. „Скопје е град на кој му треба многу за да се врати во нормала. Тоа што во ’60, ’70, ’80-тите години значеше зборот урбанизам сега нема врска. Сега некои квази урбанисти поврзани со полукриминалци во форма на политичари и советници постојано го менуваат ДУП-от, рушат мали куќи и бараки и градат огромни згради и станови, зеленило има сѐ помалку, а повеќе бетон“, вели Ангелов.
Некогашниот стандард сега е луксуз
Универзитетската професорка и поранешна министерка Рената Дескоска истакнува дека прво и најважно е да се обезбедат ефикасни мерки за чист воздух, темелно чистење на улиците и парковите и редовно празнење на контејнерите. „Сметам дека треба да се направат подземни контејнери, за градот да не биде ‘украсен’ со контејнерите и ѓубрето кое се расфрла околу нив. Треба да се набави механизација за чистење на улиците и парковите, затоа што сме сведоци дека рачно чистење на градот со метли не е ефикасно. Следно, треба да се исчистат дивите депонии, а Дрисла да престане да биде „печка на ѓубрето од ЕУ“, вели Дескоска.
Таа апелира и да престане прекумерната градба на згради кои го оставија Скопје без проток на воздух, но и без зеленило и затоа вели треба да прекине третманот на зелените површини како неизградено градежно земјиште на кое никнуваат згради. „На Скопје му треба и функционален и пристоен јавен превоз, со што би се намалила употребата на автомобили низ градот. Ставени сме во ситуација што кога ги немаме основните пристојни услови за живот, она што некогаш било стандард за урбано живеење во Скопје, како луна парк, уредени паркови, ЗОО, партерно уредување меѓу зградите, сега да ни изгледа како луксуз“, истакна Дескоска.
И поранешната судијка на Врховниот суд Милка Ристова како услови за Скопје да стане метропола ги наведува хигиената во јавниот простор и селектирање на сметот, комунална инспекција, но и воспоставување фонд за редовно фасадирање на станбените и сите јавни објекти, редовност на јавниот сообраќај преку електронско следење на движењето, и систем на електронско известување на патниците во автобусите, за времето и редоследот на постојките.
„Потребно е и намалување на загаденоста на воздухот, редовно косење и полевање на зелените и цветни површини и запирање на процесот на ‘бетонизација на градот’ односно градење според план и квалитетни и безбедни градби. Да се подобри хигиената во училиштата и градинките и нивно реновирање, редовно санирање на улиците и тротоарите, да се набави современа медицинска опрема во јавните здравствени установи под надлежност на градот“, вели Ристова. Таа додава и дека треба да се реновираат културните институции, музеи и библотеки, кина и театри.
Скопје е најспоменуван град во изборните кампањи на секои локални избори, меѓу другото и поради фактот што тука живее една четвртина од вкупното население во државата. Но се чини дека неговата политичка и инфраструктурна важност не помогнаа да си го врати загубеното достоинство.
Извор: dw.com/mk