Трамп потпиша извршна наредба за испраќање 300 гардисти во Чикаго

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска потпиша извршна наредба за испраќање 300 припадници на Националната гарда во Чикаго, откако федерален судија привремено ја блокираше одлуката за испраќање на Националната гарда во Портланд, град каде што, како и Чикаго, демократите се на власт.

„Претседателот Трамп овласти 300 припадници на Националната гарда да ги штитат федералните агенти и имотот“ во Чикаго, Илиноис, објави неговата портпаролка Абигејл Џексон, додавајќи дека републиканскиот лидер „нема да затвора очи пред беззаконието што ги погодува американските градови“.

Ова соопштение беше остро критикувано од демократскиот сенатор Дик Дарбин од Илиноис, кој го смета за целосно неоправдано, велејќи дека „претседателот не сака да се бори против криминалот, туку да шири страв“.

Ова е петтиот град во кој на власт се демократите а каде претседателот Трамп нареди распоредување на Националната гарда.

Бо последните месеци припадници на Националната гарда веќе беа испратени во Лос Анџелес, Вашингтон и Мемфис, секој пат и покрај противењето на локалните функционери кои сметаа дека таквата мерка е целосно неоправдана.

Слично распоредување на Гардата во Портланд вчера беше привремено блокирано од федерален судија. Трамп рече дека градот во Орегон, каде што протестите против спроведувањето на законите за имиграција се одржуваат со месеци, е „уништен од војна“.

Но, во документ од 33 страници, судијката Карин Џ. Имергут нагласи дека овие протести не претставуваат „опасност од бунт“ и дека можат да се надминат со „редовните органи за спроведување на законот“. Затоа, на федералните службеници им е „привремено забрането“ да ја испраќаат Националната гарда таму, пресуди таа.

Оваа наредба истекува на 18 октомври.

Заменик-шефот на кабинетот на Трамп, Стивен Милер, тврдеше на X дека одлуката претставува судски „бунт“ и ги обвини лидерите на Орегон за „организиран терористички напад врз федералната влада“.

Доналд Трамп ја направи борбата против нелегалната имиграција врвен приоритет на својот втор мандат откако се врати во Белата куќа во јануари.

Back to top button
Close