Хамас ги демантира телевизиите Ал Арабија и Ал Хадат за планот на Трамп: Нема да го положиме оружјето
Високиот функционер на палестинското милитантно движење Хамас, Махмуд Мардави, денеска ги негираше медиумските извештаи дека групата наводно се согласила да го положи оружјето, како што е предвидено во планот на американскиот претседател Доналд Трамп за решавање на конфликтот во Газа.
„Махмуд Мардави ги негираше лажните тврдења на телевизијата Ал Хадат и голем број други медиуми во врска со напредокот на преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа и ставот на движењето по прашањето за предавање на оружјето“, се наведува во соопштението на Хамас, објавено на каналот Телеграм, пренесуваат руските медиуми
Мардави додава дека „овие изјави немаат основа и имаат за цел да ја дискредитираат позицијата на Хамас и да ја измамат јавноста“.
Претходно, саудиските телевизиски канали Ал Арабија и Ал Хадат, повикувајќи се на извори, објавија дека Хамас ги информирал САД дека прифаќа да го положи оружјето.
Документот се состои од 20 точки, а во него, меѓу другото, се бара воспоставување привремена надворешна администрација во палестинската енклава и распоредување на меѓународни сили.
На 3 октомври, Хамас им го достави на медијаторите својот одговор на предлогот на Трамп, во кој изрази подготвеност да ги ослободи сите живи израелски заложници и да ги предаде телата на загинатите. Нова рунда индиректни преговори меѓу Израел и Хамас ќе се одржи денеска во Египет.