Нотите на душата – музиката на Арво Перт

„Да се прочистува душата, додека не почне да пее“! Ова е една од мислите на најпознатиот естонски композитор на денешницата, Арво Перт (Arvo Pärt) која  ме трогна кога ја прочитав, затоа што ми откри загадочни констелации кои ги познаваат само творците. Тој процес на прочистување на душата на композиторот, дури таа не почне да пее, всушност, е истиот низ кој понекогаш поминува тој што во целост се препушта на неговата музика. Таа ја прочистува душата, ги преобразува тие што ја слушаат, бидејќи ги прави способни за поинаков вид на гледање и слушање. Затоа што Перт самиот вели дека тие, на кои им се допаѓа неговата музика, се луѓето кои се во потрага по нешто. Длабоко медитативниот карактер на ритамот на неговото музичко писмо, им помага во потрагата. И јас го доживеав тоа дејство на неговата музика преку  делото „Огледало во огледало“, кое неколку месеци  секојдневно го слушав додека го пишував ракописот на мојот роман „Земја на бегалци“.

Кога пишувам ракопис на нов роман, секогаш слушам музика. И тоа секогаш едно исто дело! Од првата до последната страница, сето време живеам со мелодијата, со звуците на тоа дело. Како во личен ритуал, на почетокот на 2017-та, секој ден почнував да пишувам слушајќи го „Огледало во огледало” во една особено суптилна изведба на млади германски музичари. Затоа сега, штом ќе почнам да ги читам зборовите во мојот роман, тие се толку слеани со „нотите” на музиката на Перт, така што веднаш  во мене го слушам благиот звук на виолончелото и ѕвонот на клавирот, нежен како капките од дождот. Секој ден додека пишував, акордите на  „Огледало во огледало” правеа да влегувам низ тајни огледала во одаите на детството. Во тој миг ја разбирав тајната на музиката, но и на уметноста воопшто, за која раскажува Арво Перт. Имено, дека „зад уметноста да се поврзат само три ноти, лежи космичка тајна”. Додека ја слушав „Огледало во огледало”, мојата интуиција  беше дека трозвучјето, трите ноти, ми ја покажуваа тајната на времето, помагајќи ми со силата на музиката да „стапнам” во изминатото, дотогаш заборавено време. И навистина, на крајот на денот поминат со пишување во ритамот на  музиката на Перт, имав чувство дека се враќам од друго време и од друг простор. Во него може да не‘ врати само музиката, но и миризмата, па затоа првата реченица во мојот роман зборува за неа.

Тајната на музиката

Арво Перт е еден од најпознатите композитори, добитник на посебната Нобелова награда за уметност. Роден 1935 во Естонија, тој оваа година, на 11 септември, го прослави 90-от роденден. За западните медиуми тој често беше  „еремитот” во модерната музика, која во својата едноставност и јасност навистина звучи мистично. Неговата сопруга Нора Перт, диригентка и најблиска соработничка, раскажува дека  неговиот импулс отсекогаш бил да продре до коренот на музиката, до таа праклетка, која раѓа различни плодови, па затоа може да допре луѓе од различни култури. Според Перт, тој апсолутно чист поредок, по кој тој се стреми во музиката, го доживуваат сите, свесно или несвесно. „Се работи за  созвучја кои прават да настане еден вид резонанца. Тоа е тајната на музиката, на секој вид музика”, истакнува тој во едно интервју. Токму таа резонанца јас ја чувствувам како слеаност на моите зборови со неговите ноти.

Долгата потрагата по својот пат во творештвото, најнапред, го водела од  атоналната, дванаесеттонска музика на Арнолд Шенберг, преку „серијалната” техника на колажи од дела на познати композитори, како  во неговото дело „Credo” („Верувам”), во кое се послужил со фрагменти од Бах, до старата Грегорианика. Во 1972 пристапил во руската православна црква, а потоа следеле неколку години  творечка криза. Тој трагал по свое музичко писмо, обидувајќи се да ги претвори зборовите од Евангелието во музички израз. Во еден миг ја открил  едноставноста на грегоријанските хорски песни, а таа го инспирирала, затоа што „нивните линии имале душа”. Подоцна истакнува дека, всушност, причината за творечката криза не бил проблемот со дванаесеттонската скала. „Се‘ зависи од композиторот и од начинот на кој тој ги применува дванаесетте тонови.Се работи за тоа дали тој сака со нив да произведува мед или отров”, објаснува подоцна. Имено, атоналната музика ја избра дисонанцата и хаосот како слика за грдата и трауматична стварност. Перт сака со силата на убавото, на чистото и светлото, да го разобличи стравотното и грдото.

Во 1979-та, централниот комитет на Советскиот сојуз му советувал да ја напушти земјата, за да не изгледа дека е прогонет, туку дека доброволно  заминал. 1980-та се преселил со фамилијата во Виена, а 1981 добил стипендија за престој во Германија, каде што живел во Берлин  до 2008, кога се вратил во Естонија. Прогонството од Советскиот сојуз било поврзано и со неговото јасно исповедање на неговата православна вероисповед во делото „Credo”. Арво Перт долги години бил многу близок со  тогашниот архимандрит Софрониј Сахаров во православниот манастир во Англија, денешниот Св.Софрониј од Есекс. Архимандритот Софрониј, пред да се замонаши, бил талентиран сликар во Париз, а со тоа сигурно бил совршениот соговорник за композиторот Арво Перт, додека  овој бил во творечка криза. „Тоа што сакав беше само една  проста музичка линија, која во себе е жива и диши“, сведочи подоцна големиот композитор. Неговата сопруга истакнува дека  тоа „што тој сакаше да прави беше да создаде нов слух. Затоа во тоа време престана да слуша секаква поинаква музика.  Арво сакаше  во себе да го најде тој таинствен извор, за да направи тоновите да почнат слободно да истекуваат.“

Неколку години не компонирал, туку само истражувал нови методи. Се обидувал додека ги читал „Псалмите“, впечатоците веднаш да ги преобразува  во музика. Така во Берлин, во 1979, го открил својот совршен стил кој го нарекол „Тинтинабули-концепт“, од латинското име за „ѕвончиња“ – Tintinnabuli. „Всушност, концептот „Тинтинабули” е нешто слично  на тоа што се случува кога почнуваме да учиме да свириме клавир: со левата рака свириме еден ист акорд, додека со десната ја развиваме мелодијата”, го опишува Перт својот нов стил. Секако, тоа не  го олеснило неговиот пат во германската музичка јавност.  Весникот „Шпигел” го нарекол „црковен отец-композитор” кој би „бил добар лик за секоја новела на Достоевски”, а тоа, пак, сведочи дека дури и новинари на реномирани весници понекогаш мислат во стереотипи. Скептична кон секаква мистичност, тогашната германска музичка елита  ја одбивала  јасно изразената религиозност на Перт, но и неговата идеја за  музичката едноставност во стилот на „ѕвончињата”, „Тинтинабули”. Застапниците на модерната атонална музика во тој стил гледале само езотерика, а некои ја сметале за компилација од серијалната музичка техника и од грегоријанските корали. Во исто време, музиката на Перт наиде на високо признание  во католичката црква, но и во пошироката германска културна јавност. Дела на Перт се изведуваа на прославата на 750-годишнината на келнската катедрала, како и при отворањето на споменикот на Холокаустот во Берлин.  Сепак, тој во 2008 го напушта Берлин и се враќа во Естонија.

Тамошната влада  во 2018 го финансираше амбициозниот проект за изградба на „Центарот Арво Перт”, дело на шпанско-германскато архитектонско ателје „Нието Собејано”. Во него  големиот композитор и денес живее и твори. Футуристичкиот облик на градбата, среде густата шума, многу близу до морето,  е инспирирана од нотните ракописи на Перт. Во нејзиното средиште има малечка капела, посветена на   двете личности кои тој особено ги љубел: Св. Силуан Атонски  и Св.Софрониј од Есекс. Тоа што во „срцето” на центарот Арво Перт се наоѓа таа малечка капела, јасно сведочи каде е изворот на неговата инспирација. Тие што го познаваат делото на двајцата светители, во монотоната, речиси бесконечна  мелодија на неговата музика веднаш го препознаваат ритамот на Исусовата молитва, на која двајцата големи светители го посветија сиот свој живот. Секако, тоа ја објаснува и омиленоста на музиката на Арво Перт во православните земји. (dw)

Back to top button
Close