Хрватска блокира уште еден албански производ – крем од фстаци, откриено присуство на афлатоксин
Откако пред неколку дена блокираа пратка од 8 тони црвени лути пиперки од Албанија, хрватските власти повторно запреа уште еден албански производ на границата. Овој пат станува збор за крем (паста) од фстаци, за која се покажало дека содржи високо ниво на токсин опасен по здравјето.
-Според известувањето објавено на Европскиот систем за предупредување за храна, РАСФФ, пратката од Албанија била запрена на хрватската граница на 8 септември, откако лабораториските тестови откриле високо присуство на афлатоксин, канцерогена супстанца што може да предизвика сериозни здравствени проблеми. Блокираната количината била веднаш уништена од хрватските власти, објавија албанските медиуми.
Додаваат дека на 3 октомври, било поднесено официјално известување во системот РАСФФ, за да се информираат другите земји-членки на ЕУ, за да можат да ја запрат трговијата и евентуалната употреба на овој производ, доколку таа е понатаму дистрибуирана.
-Ова е втор случај, за една недела, пратка со албански производи да биде запрена на границите на ЕУ поради загриженост за безбедноста на храната, што повторно покренува прашања за стандардите за контрола на квалитетот на производите извезени од Албанија.
Претходно блокирани беа осум тони црвени лути пиперки, произведени на подрачјето на албанскиот град Дивјак, кои содржеле престициди штетни по здравјето на луѓето, кои биле уништени во Хрватска.
На почетокот на минатиот месец Хрватска уништи 4 тони домати, произведени на земјоделски површини во Берат, откако било утврдено дека биле испрскани со хлорфенапир, со петпати поголема количина од дозволената со овој отров против инсекти.
Пред тоа Хрватска и Босна и Херцеговина уништија над 10 тони праски произведени во Дивјак, бидејќи во ова овошје било откриено високо присуство на тешкиот метал никел. Поради истата прчина назад од границата повеќе тони праски вратиле и словенечките власти.