Од што е Вучиќ толку запрепастен?
Бизарниот настап на српскиот претседател на ТВ Пинк поттикна нови теории на заговор.
Александар Вучиќ се заканува со уште поголем степен на контрола врз сите сегменти на општеството во Србија, сметаат соговорници на ДВ.
Теоријата на заговор, според која уривањето на настрешницата во Нови Сад е резултат на саботажа со помош на странски сили, во текот на изминатата година беше присутна во режимските таблоиди, како и во изјавите на челниците од власта. Сепак, по бизарното појавување на ТВ Пинк во неделата, 5 октомври, српскиот претседател Александар Вучиќ понуди верзија на настаните која во некои поуредени политички системи би била етикетирана како неодговорна и опасна политичка тактика. Со својот класичен пасивно-агресивен тон, тој забележа дека локалниот опозициски политичар Миша Бачулов од Нови Сад веројатно не е виновен, но се шетал по железничката станица сомнително и вознемирено неколку часа пред да се урне настрешницата.
Армија од ботови на власта и режимските таблоиди веднаш реагираа на оваа квази пикантерија, прикажувајќи видео од гореспоменатиот Бачулов како поминува покрај железничката станица во Нови Сад и гледа во својот мобилен телефон. И колку и да звучи бесмислено таквото поврзување со уривањето на настрешницата, анкетите на јавното мислење покажуваат дека тоа има одличен одек кај бирачкото тело на „напредњаците“ (Српска напредна партија).
Според неодамнешното истражување на Новата српска политичка мисла (НСПМ), дури 40,4 проценти од гласачите на партиите на власт веруваат дека уривањето на настрешницата било „диверзија во режија на странски служби“. Во овој случај не помага ниту официјалното соопштение од Вишото јавно обвинителство во Нови Сад од јули оваа година, во кое се наведува дека уривањето на настрешницата на 1 ноември 2024 година не е резултат на диверзија или терористички чин. Така, претседателот на државата на свој начин ги поврза странските служби и домашната опозиција, и за неговите гласачи ова сега е практично официјалната верзија на тој трагичен настан.
Паника и спинување
Очигледно е дека Вучиќ на овој начин се обидува да скрие кој е одговорен за падот на настрешницата и „да го искористи овој спин за да го скрие од јавноста фактот дека нешто што е проценето на 320 милиони евра е платено четирипати повеќе“, истакнува за ДВ Зоран Гавриловиќ, од Бирото за општествени истражувања (БИРОДИ).
Тој проценува дека во редовите на власта сепак преовладува некаков вид паника поради годишнината од уривањето на настрешницата, а како член на Анкетната комисија за уривањето на настрешницата, најавува дека извештајот на комисијата ќе биде објавен овој месец:
„Извештајот ќе има четири дела: градежно-инженерски, правен, медиумски и економски, и тука ќе биде наведено што се случило. Во ситуација кога неговиот рејтинг не е каков што беше, тој сега се обидува на овој начин да сочува некакво упориште кај своите избирачи“, смета нашиот соговорник.
Спинувањето околу уривањето на настрешницата беше само дел од целокупниот медиумски настап, во кој српскиот претседател се пожали дека не е задоволен што тајната служба БИА не му ги доставувала снимките од студентските пленуми, дека полицаец ширел лаги за звучен топ, дека полицијата и обвинителството ја спречиле работата околу Генералштабот со семејството Трамп, дека борбените кампови во Србија се резултат на некои непознати сили или дека обвинителите не му се јавуваат на телефон.
Вучиќ порачува: Доаѓам по вас!
Директорот на вестите на Нова ТВ, Слободан Георгиев, за ДВ забележува дека „целиот медиумски настап на Вучиќ беше жалење, бидејќи не контролира баш сè и секого во државата“:
„Се чини дека не може да го контролира секој судија, обвинител, агент на БИА или полицаец – и тоа го запрепасти. Интересен ми е тој некаков вид на запрепастеност, бидејќи се чини дека не може да разбере дека има луѓе во Србија кои одат на своите работни места и се обидуваат да го работат без да чекаат Вучиќ да им намигне. Се чини дека е навикнат да им дава наредби на своите партиски ‘чауши’ усно и по телефон, и затоа сега е изненаден што некој не му се јавува на телефон“, забележува Георгиев.
Тој вели и дека во сето тоа гледа голема опасност, бидејќи, како што додава, му се чини дека ова е најава дека „сега ќе се премине на оние луѓе кои се обидуваат да си ја работат работата, а кои не се директно и секојдневно под негова контрола. Тоа е порака ‘Доаѓам по вас’. Започна со образованието, а сега ќе се продолжи понатаму, и тоа можеме да го видиме и по смените во полицијата, кои се дел од овие напори Вучиќ да се идентификува со државата, и да се казни секој што не му е лично лојален“, нагласува Георгиев.
Руска пропаганда на српски начин
Податокот дека над 40 проценти од гласачите на Српската напредна партија (СНС) веруваат дека падот на настрешницата бил диверзија организирана од странски служби не е изненадување за Зоран Гавриловиќ, бидејќи, како што вели тој, „десничарските сили се многу посклони кон теории на заговор“:
„Кај нивните гласачи исто така постои рационализација. Тие едноставно не сакаат да веруваат дека постои каква било одговорност на властите за падот на настрешницата. Тоа сега е повеќе прашање на психологија, па дури и психопатологија, бидејќи немате каде да им соопштите одредени информации на тој дел од гласачите. Вучиќ го исполнува тој простор со теории на заговор и со пренасочување на вниманието од корумпираниот дел на работите околу новосадската настрешница“, вели Гавриловиќ за ДВ.
„Мислам дека тој процент треба да е уште поголем, со оглед на нивото на пропаганда на која се изложени овие луѓе“, оценува Слободан Георгиев:
„Тоа е руска пропаганда која е меле и е насочена кон целосно заглупување и излудување на неговите гласачи. Верувам дека има луѓе во Србија кои, доколку Вучиќ се појавеше и речеше дека денес е среда, а не вторник, ќе рекоа да, денес е среда. Тоа е тоа социјално злосторство кое што го спроведува овој режим, кој дејствува на тој радикален начин, верувајќи дека во политиката е сè дозволено и дека сè се може. Секако дека може, но како што гледаме, тоа има драматични последици за општеството во Србија“, заклучува Слободан Георгиев за ДВ.