Путин: Тогаш сите ќе одиме на небо
Денко Малески
Мислев дека лесно ќе ја решам војната во Украина, но се чини дека е потешко од решавање на војната на Блискиот Исток, вели претседателот Трамп, изразувајќи разочараност од претседателот Путин со кој „се уште комуницира“. Во право е.
Мировен договор не е на хоризонтот. Без исполнување на трите услови кои ги поставува големата сила: неутрална Украина, признавање на четрите области и Крим за дел од Русија и разоружување на Украина, нема крај на војната. Но, тешко е да се замисли Зеленски да стави потпис под таков договор после сите жртви и сето разорување на неговата земја.Од друга страна, после сите руски жртви незамилсиво е Путин да стави потпис на договор со кој тој ги повлекува своите трупи од анектираните украински територии. Ако погледнеме назад во времето, разбираме дека имаше повеќе пропуштени шанси не само за мировен договор, туку и да се избегне војната. Само, Америка и западниот сојуз требаа да се откажат од идејата НАТО да се „паркира“на влезната врата на Русија, во Украина. Но, пропуштените прилики за исбегнување или ставање крај на војната, не се враќаат веќе. Таа лекција ја научив во војните во Југославија во кои мировните планови секогаш беа претркани од настаните на теренот и она што било можно само неколку месеци порани стануваше неможно денес. На пример, идејата за сојуз на суверени држави по углед на ЕУ. И во Украина, сега сме каде што сме: со војна која трае од февруари 2022 и за која има, се чини, само едно решение: победа на бојното поле. Кој победува а кој губи?
Проценките на воените стручњаци е дека војната во Украина е изгубена во корист на Русија. Можеше и да се очекува таков изход во битка помеѓу две нерамноправни страни: Русија со пет пати поголемо население од Украина и несразмерно поголема огнена моќ, плус нуклеарна сила. Во типот на војна која Русите ја водат во Украина која воените експерти ја нарекуваат „војна на исцрпување“ (war of attrition) овој дисбаланс во моќ е одлучувачки.
Се работи за воена стратегија насочена кон истоштување на непријателот преку постојано ништење на неговите ресурси и нанесување на огромни загуби на војници, до моментот на дезинтеграција на способноста на непријателот да се спротиставува. Некни, Урсула ван дер Лејен рече дека Русија е слаба а како доказ го изнесе фактот дека за повеќе од две години територијално се проширила за само 1 посто. Но, што ако е ова само уште една војна на ицрпување како во Првата светска војна кога Германија, под напливот на нови американски војници на боиштето, се предаде без да се поместат линиите на фронтот претходните четри години? Поддржувајќи ја, Марк Руте, и натаму зборува за враќање на сите украински територии и членство на Украина во НАТО. Замислете се врз последиците по светскиот мир ако ван дер Лејен и Руте погрешно ја проценуваат ситуацијата!
Трамп, пак, кој во потрага по мир, и онака си има проблеми со безбедносните структури на САД („длабоката држава“), наиде и на силен отпор и кај европските политичари кои, убедени дека Русија губи и дека треба да се есклира војната, се закануваат со ракети со долг дострел, систем кој не може да биде ставен во погон без поддршка на специјалисти и војници на НАТО. Всушност, далеку од очите на јавноста, Западот се повеќе се инволвира во воените операции на теренот. Така, официјална Франција некни потврди дека во Украина загинале седум нејзини војници. Француски војници во војната против Русија? Јас лично не сум знаел дека ги има во Украина, иако ги следам настаните.
Со изјавите од Лондон, Берлин ,Париз и Вашингтон, дека заедно со германските „Таурус“ и британските „Шедоу“, ракети со долг дострел, се подготвува и испорака на американски „Томахавк“, војната може да ескалира до директен судир меѓу Русија и НАТО. Тогаш сите ќе одиме на небо, деновиве некој го цитира Путин. Дека Русија може да возврати на цели и во Франција, Британија или Германија е многу веројатно. Дали Америка ќе се вклучи директно? Европските политичари ја прават истата грешка како Зеленски на почетокот од војната со Русија: убедени се дека американската коњица ќе ги спаси. Можам да го повторам она што тогаш го напишав, дека Америка нема да влезе во нуклеарна војна со Русија заради Украина. Америка нема да влезе во нуклеарна војна со Русија ниту заради Европа денес. Тоа е црвената линија. Трамп, или било кој друг американски претседател, да дозволи да горат Њујорк, Вашингтон, Сан Франциско, Лос Анџелес, Балтимор, Сиетел, зради Украина или заради Европа? Помислете малку. Но, грешки се прават и работите знаат да излезат од контрола …