Србија/Академски пленум: Почна со работа веб-страница со база на податоци за насилство врз граѓани
Веб-страницата stopbrutalnosti.com, која ги следи случаите на насилство во Србија, официјално почна денеска со работа.
Тој заеднички проект на ИТ блокада и Академскиот пленум има за цел, како што велат, да ги собере случаите на физичко и правно насилство врз граѓаните на Србија во единствена база на податоци „За денот потоа“, која ќе се користи кога судските органи ќе бидат во полн капацитет при извршување на својата работа.
„Граѓаните кои доживеале каков било вид насилство ќе можат да ги внесат сите релевантни податоци поврзани со тоа насилство преку веб-страницата stopbrutalnosti.com, а доколку некој се одлучи за опцијата за јавно објавување, неговиот случај ќе биде објавен и на веб-страницата. Во спротивно, доколку лицето кое било подложено на насилство се одлучи за анонимност, тој случај нема да биде достапен за јавноста, туку ќе биде зачуван во базата на податоци „За денот потоа“, се наведува во соопштението.
Се додава дека посетителите на stopbrutalnosti.com можат да читаат различни случаи на насилство, со пребарување кое им овозможува да пронајдат само случаи поврзани со одреден град или одредена активност.
„Ги повикуваме сите граѓани да се приклучат на регистарот на насилство, за да не се заборави ниту еден таков случај и веднаш по промените, одговорните за случаите на насилство да ги сносат последиците“, се наведува во соопштението.