Италија ќе забрани носење бурка или никаб на јавни места
Конзервативната партија Браќа на Италија на премиерката Џорџа Мелони поднесе предлог-закон, кој предвидува забрана за носење бурка или никаб на јавни места, присилните бракови помеѓу муслиманите и финансирањето на џамиите.
Предлог-законот е дел од борбата против исламскиот сепаратизам и да се спречи создавање на „контраопштество“ во Италија, каде националните закони ќе бидат потиснати или заменети со шеријатот.
За прекршителите, со предлог-законот предвидени се казни од 300 до 3.000 евра за оние кои ќе ја прекршат забраната за носење бурка или никаб на јавни места, како што се образовни институции, универзитети, продавници и канцеларии.
Забрането е носење облека што го покрива лицето, како и секој друг предмет што го отежнува препознавањето на лице на јавни места и простори отворени за јавноста, се наведува во член 5 од предложениот закон.
Сара Келани, пратеничка од партијата Браќа на Италија, нагласи дека целта на законот не е само да се забрани бурката, туку и да се спречи создавање паралелни општества во Италија во кои не се почитуваат италијанските закони.
– За жал, сведоци сме на бројни феномени од ваков вид и во Италија, и токму во ова контра општество цвета исламскиот фундаментализам, истакна Келани.
Бурката ја покрива жена од глава до пети, вклучувајќи го и превезот преку лицето. Никаб е превез за лице што има отвор за очите.
Првата земја што воведе таква забрана во 2011 година е Франција. Оттогаш, листата значително се прошири, на повеќе од 20 земји низ целиот свет, меѓу кои и Австрија, Тунис, Турција, Шри Ланка и Швајцарија. Европскиот суд за човекови права постојано ги поддржува таквите забрани.
Покрај забраната на бурката, предложениот закон го регулира и прашањето за принудните бракови.
Заменик-министерот за правда Андреа Делмастро нагласи дека законот се занимава и со прашањето за принудните бракови, за кои рече дека се „уште еден сериозен проблем“.
Во предлог-законот се истакнува дека во Италија мора да се применуваат закони засновани на западните вредности.
Од договорени бракови до случаи како Саман, разликата е многу мала, наведе Делмастро, осврнувајќи се на убиството на 18-годишната Пакистанка, Саман Абас. Таа беше убиена од нејзините родители затоа што одби да оди во Пакистан и не се согласи на договорен брак. Нејзиното тело беше пронајдено во напуштена фарма во близина на полињата каде што работеше нејзиниот татко во северна Италија. Италијански суд ги осуди нејзините родители на доживотен затвор.