Британски медиуми: Принцот Ендру продолжил со контактите со Епстајн и по прекинувањето на пријателството
Принцот Ендру, војводата од Јорк, му рекол на Џефри Епстајн „заедно сме во ова“ во е-пошта, испратена три месеци откако јавно изјавил дека ги прекинал контактите со педофилот-финансиер, јавуваат британските весници.
Весниците The Sun On Sunday и Mail On Sunday објавија дека е-поштата била испратена на 28 февруари 2011 година – ден откако била објавена познатата фотографија на војводата со Вирџинија Џуфре. Принцот Ендру, претходно, за програмата Newsnight на јавниот сервис Би-Би-Си изјави дека го прекинал пријателството со Епштајн во декември 2010 година.
Според весниците, Ендру во пораката напишал: „Јас сум исто толку загрижен за тебе! Не грижи се за мене! Се чини дека заедно сме во ова и ќе треба да го надминеме. Инаку, одржувај близок контакт и наскоро повторно ќе играме!!!“. Тој наводно се потпишал со „А, Н.В.П. Војводата од Јорк, КГ“.
Ендру се повлече од својата јавна улога во 2019 година по скандалот околу неговото пријателство со осудениот милијардер-педофил Епстајн. Подоцна, тој плати милиони за да реши граѓанска тужба за сексуален напад со Вирџинија Џуфре, која беше жртва на трговија со луѓе од Епстајн како тинејџерка, а за која Ендру тврдеше дека никогаш не ја сретнал. Војводата отсекогаш негира каква било вина.
Во јануари оваа година, дел од е-поштата се појави во судските документи, за која тогаш беше објавено дека е од „член на кралското семејство“.
Тврдењето беше изнесено од Управата за финансиско однесување (FCA) во судските документи за правна битка против поранешниот извршен директор на банката Барклис, Џес Стејли. Стејли поднесе жалба против одлуката на регулаторното тело дека дал погрешна сметка за природата на неговата врска со Епстајн, што тој го негира.
Во изменетата изјава за случајот, FCA наведе дека одликите на врската меѓу Епстајн и Стејли покажуваат дека тие биле „блиски“, и дека е-поштите испратени меѓу нив биле „несоодветни за деловна врска“. Ова вклучува Епстајн да прави „бројни запознавања и препораки за г-дин Стејли“, вклучително и со членот на кралското семејство, и да се нарекуваат еден со друг „семејство“ во некои е-пошти.
Епстајн беше пронајден мртов во неговата ќелија во федерален затвор во Менхетен, САД, во август 2019 година, додека чекаше судење по обвиненијата за трговија со луѓе. Смртта беше прогласена за самоубиство.