ШУТ ВО ГОЛАУТ

Или шутирај, или напушти ја играта

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дојде на неколку часа во Скопје и на македонските лидери им го кажа истото што на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и на премиерот Христијан Мицкоски им го кажуваат и тие малкуте функционери од ЕУ земјите со кои се среќаваат: „Треба да ја направите договорената уставна промена. Топката е на ваш терен. ЕУ е подготвена.“

Услов за почнување на преговорите со ЕУ е вметнувањето на Бугарите како малцинство во македонскиот Устав. И претседателката Сиљановска-Давкова и премиерот Мицкоски ги добија ланските избори со ветувањето дека ќе успеат да го репреговараат фамозниот француски предлог со тој услов. Синким, ова се преговори со Максим Димитриевски од ЗНАМ и Изет Меџити од Коалицијата „Вреди“ за „на ти го, дај ми го“ ова или она директорско место, или Управен одбор, а не преговори со ЕУ. На кој ли домашен дипломатски капацитет се потпираат во преговорите со 27 сериозни држави?

Претседателката Сиљановска-Давкова побарала од Фон дер Лајен, „ЕУ да најде излезно креативно решение за дебокада на македонските интеграции“ и ја поздравила „иницијативата за реформирање на ЕУ со воведување гласање со квалификувано мнозинство“. А премиерот Мицкоски ѝ рекол на претседателката на Европската комисија дека „очекува од ЕУ и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности“.

Многу сме јаки штом сега ние ѝ поставуваме услови на ЕУ за да ги почнеме преговорите. И ако не можат да ни ги исполнат условите што им ги поставуваме, ќе чекаме тие да се реформираат.

Тој муабет ни на кафеанска маса со најблиските пријатели веќе не поминува.

Уште од самото потпишување на францускиот предлог ја мразам идејата дека мора да ја направиме и таа отстапка, па на патот кон ЕУ да ги внесеме и Бугарите во Уставот. Со непријателските потези кон македонскиот народ, не само кон генерацијата на моите предци, туку еве сега и кон моите деца, на кои им ја загрозува европската иднина, не можам да ѝ верувам на нивната матична држава.

Ама, што е, тука е. Штетата е направена. Па дали тие што потпишале биле патриоти или предавници, државава си презела обврска што треба да ја заврши. Ако сака воопшто да ги почне преговорите со ЕУ. За еден убав ден, кога сите 27 земји членки, ако во меѓувреме и тој број не се зголеми, ќе изгласаат дека сакаат и нас да нѐ примат во семејството.

За година и пол оваа власт уште не ни кажала каков ѝ е планот ако наскоро не почнеме преговори со ЕУ. Сѐ друго е само замајување со квазипатриотско тупкање во гради, додека државата масовно се празни. Додека патриотите веат знамиња од Кутлеш, луѓето патот кон ЕУ си го бараат понижувајќи се со барања за бугарски пасоши.

За жал, друго решение – нема. Односно, има. Другото решение е: откачи ја ЕУ.

Или шутирај, или напушти ја играта.

Целата колумна на Горан Михајловски на сдк.мк

Back to top button
Close