Изборен молк – народен крик

Изборниот молк единствениот мир во политичкиот хаос

Почитувани читатели, вообичаено и човечки е да се очекува дека само со труд и знаење се градат патеките за здрава иднина и достоинствен општествен живот во нашата, македонска реалност. За жал, чувството дека сме скршнале од тие здраворазумски патеки и дека стагнираме, па дури и назадуваме, не ме остава на раат.

 

Со завршување на предизборната кампања за локалните избори дојдов до заклучок дека молкот од два дена, утврден со Изборниот законик на Република Македонија е најубавиот момент кога ние граѓаните можеме денот да го поминеме спокојно, без напор и притисоци. Малку мир и тишина ни се неопходни за да се одмориме од политиканството кое го напнува секој граѓанин.

Пишувам политиканство, а не политика, зашто во изминатите 35 години не само што не изнедривме ништо напредно за нас граѓаните во нашата мала и сакана татковина, туку не научивме да водиме политика. Не успеавме да оспособиме политичари кои ќе се грижат за државата и ќе изградат услови за достоинствен живот, висок стандард и задржување на младата работна сила во татковината.

 

 

Два дена тишина во држава гласна од лажни ветувања

Овие два дена законски молк, ние граѓаните ќе се одмориме од притисоците на политичките партии и нивните невозможни мисии за реализација. Искуството од досегашните изборни циклуси, дава грда, но реална слика дека ветувањата во основа се лажни.

За реализација на проекти на централно и локално ниво, потребни се стручни тимови со силно оформена финансиска конструкција. Како може да веруваме во понудените проекти од сите кандидати на политички партии кога е евидентно дека буџетските дупки, односно задолженија на централно и локално ниво се огромни?

Не сакам да верувам во информацијата која ја сподели во етерот господинот Филипче, претседателот на СДСМ , дека буџетската дупка до крајот на годината на актуелната влада ќе биде 1,4 милијарди евра!

Од дуелот меѓу госпоѓата Шукова и господинот Георгиевски на Тв Канал 5, разбравме дека финансиската дупка на Град Скопје, заедно со јавните претпријатија, изнесува повеќе од 250 милиони евра. Бездна!

Почитувани читатели, низ целиот свој живот сум бил стопанственик, почнувајќи од моите тинејџерски години, па до денес.

Неразбирлив ми е поривот за нудење огромни проекти со значителни финансиски потребни средства, а притоа да си свесен дека средства за такви проекти нема и дека тешко ќе се обезбедат при вакви девастирачки податоци за финансиската задолженост на централната и локалната власт.

Им посакувам на моите сограѓани овие два дена да си ги посветат себеси и на своите најблиски роднини и пријатели и да се одморат од звучните кампањи. Животот надвор од политиканството е раат живот

Овие два дена ни се единствената вистинска слобода во сите изборни циклуси на централно, локално и претседателско ниво.

Уживајте го изборниот молк мои сограѓани! Од понеделник повторно канонада од нови ветувања на политичките субјекти. Приоритетен е вашиот глас, а не вашиот интерес.

Повторувам, за вистински напредок на нашата држава мора да има сериозни промени во Изборниот законик и промени во Законот за територијална поделба. Без ваквите промени ќе стоиме во место или ќе се вртиме во круг.

За сериозни и темелни промени, потребно е ние граѓаните да извршиме сериозен притисок врз актуелните политички партии. Свесно или несвесно едни со други се поддржуваат во гонењето на криминалните политичари, побегнати од земјата, а ниту една партија не се чувствува одговорна за таквиот чин, ниту пак презема мерки за нивно гонење.

Изборниот молк е привилегија во изборните циклуси. Но молкот за злосторите кои се прават на грбот на граѓаните не смее да продолжи затоа што е соучесништво во бездната кон која се движиме. Размислувајте молкум. Делувајте гласно…

 

 

 

 

Back to top button
Close