Предизборниот молк не беше почитуван, најголем проблем потешкотии со уредите за идентификација
Предизборниот молк вчера не беше почитуван од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, на кои им беа отворени штабовите и имаше агитирање преку социјалните мрежи до народот. Нашите набљудувачи веќе се на избирачките места и воочени се неколку неправилности. Најголем проблем, како и секој изборен циклус, се потешкотии со уредите за идентификација, соопшти Круме Богевски од Левица на денешната прва прес-конференција за изборниот ден за првиот круг од локалните избори 2025.
Тој информира дека нивните набљудувачи пријавиле дека кај некои уреди за биометриска идентификација на гласачите (УБИГ) има повеќе избирачи отколку во избирачкиот список. Изрази надеж дека наскоро овие неправилности ќе бидат отстранети и оти изборниот процес ќе продолжи во најдобар ред.
– Уверени сме во позитивниот исход од овие избори. Уверени сме дека ги имаме понудено најдобрите кандидати и подготвени сме за втор круг примарно во Скопје, со нашиот кандидат за градоначалник Амар Мециновиќ кој имаше досега невиден пристап во кампањата. Би повикал на гласање, особено младите и до оние кои се чувствуваат дека досега не одлучувале во локалните самоуправи. Нам не ни е тешка борбата, тешко ни е да ја добиеме шансата за институционална борба. Искористете го вашето изборно право, гласајте и учествувајте во одлучувањето во локалните самоуправи, рече Богевски.