Владејачките партии со најголем успех на изборите
ВМРО-ДПМНЕ ја потврди и зголеми довербата кај граѓаните, ВРЕДИ ги прегази обвинувањата од ДУИ за недостиг на легитимитет.
Катерина Блажевска
Од досега обработени 99,79 проценти од гласачките ливчиња, односно во 3.469 oд вкупно 3.474 избирачки места, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се во убедливо водство во 53 општини низ државата, коалицијата „Вреди“ води во 9, СДСМ во 8, коалицијата НАИ предводена од ДУИ води во 5 општини и Демократската партија на Турците има предност во една општина, објави ДИК.
Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски и на Левица, Амар Мециновиќ влегуваат во вториот круг за избор на градоначалник на Град Скопје.
Според аналитичарите, локалните избори потрврдија неколку нешта – дека владајачката партија ја задржува и зголемува довербата кај граѓаните, дека ВРЕДИ уверливо го скрши наративот на ДУИ за недостиг на легитимитет, дека етноцентричните пораки од врвот на ДУИ доживеаја пораз на отворена сцена, дека на СДСМ му треба уште време за суштинска консолидација и дека граѓаните даваат шанса на проекти, а не на дневни политизации.
На дел од ова синоќа се осврна и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Македонија не избра партија, туку насока, избра вредности“, рече Христијан Мицкоски, искажувајќи задоволство од победничките резултати на изборите. Притоа потенцираше како партијата што ја предводи ја третира добиената доверба.
„Довербата не е награда. Таа е задача што почнува утре наутро. Со секој нов ден. Со секоја улица, училиште, фабрика, болница што ќе ја направиме. Со секој нов човек кој верува дека овде има смисла да се живее и да се сонува. (…) Таа победа не е само наша. Таа е на сите што веруваат дека државата мора да се движи напред. Дека општините мора да растат“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Порака за ДУИ
Според извори од албанскиот блок, во ДУИ владее големо разочарување, особено од поразот во општината Чаир, но партијата ќе се обиде да ја менаџира и исконтролира штетата од неоправдано подигнатите очекувања. Бујар Османи вчера преку социјалните мрежи му ја честиташе победата на противкандидатот Изет Меџити, со оценка дека изборниот ден бил успешен, но истото мислење не го дели и за текот на кампањата.
„Во политиката, граѓаните го имаат последниот збор. Јас сум доволно долго во политиката за да ги препознаам и почитувам пораките што ги испраќаат граѓаните. Иако кампањата не беше ниту фер ниту легална во секој аспект, не сакам да се жалам, бидејќи верувам дека чесноста и вредностите имаат смисла само кога ги одржувате дури и во вакви ситуации. Честитки до мојот противкандидат и до целата коалиција што застана зад него, тие се победници на изборите во Чаир и им посакувам успех во водењето на општината во следните четири години“, напиша Османи во објава на Фејсбук, додавајќи дека за следните политички чекори ќе се огласи во наредните денови.
Резултатите на ДУИ ги коментираше и Христијан Мицкоски, со оценка дека овие избори се порака за Мала Речица.
„Кога Али Ахмети се удираше во гради дека менувал премиери, реков – полека, смири се, почекај, непријатно ќе бидеш изненаден од резултатот. Ова е тој ден. Она што е најважно е што на овие избори политиките на етноцентризам, национализам и вештачки теми за орли и зајци, и теми кои се небитни за граѓаните – се поразени. А се отвора прашањето за реформи во опозицијата. Јас не посакувам послушна опозиција, но далеку поконцетрирана и покапацитетна од оваа којашто зборува за орли и за зајци“, порача Мицкоски.
Затворена тема
„Дали Али е тука, дали е ДУИ тука?“, прашуваше Билал Касами, кандидатот за градоначални на ВРЕДИ за Тетово, кој се пофали со голема предност во однос на противкандидатот од ДУИ.
„ДУИ побара референдум и доби референдум“, рече Касами, прашувајќи дали неговите политички противници повторно ќе бараат предвремени избори.
Одговарајќи на новинарско прашање – дали оваа победа власта ќе ја искористи како ветер во грб и за предвремни парламентарни избори, Мицкоски и синоќа повтори дека нема таква намера, како што изјавувал и претходно.

„Јас и кога ги одговарав тие прашања во минатото, знаев дека ќе се случи ова што се случи. И знаев дека таквиот тип на политика од пред 4-5 децении ќе биде поразена на овие избори. Бев во право и затоа многупати кажував дека ДУИ и Али Ахмети ќе бидат непријатно изненадени и очигледно дека денеска се непријатно изненадени“, рече Мицкоски, отфрлајќи можност за предвремени парламентарни избори.
Филипче: СДСМ се консолидира
Измешани чувства владеат во кампот на СДСМ и нивната коалиција. Според претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изборните резултати не се такви какви што ги посакувале, но сведочат за процесот на консолидација на партијата.
„Овој резултат мислам дека не е тој којшто го посакувавме сите, меѓутоа би рекол дека, имајќи ги предвид околностите, не е лош резултат, посебно што, не насекаде, меѓутоа во еден добар дел од општините, навистина имаме зголемување на бројот на гласови кога ги споредуваме со ланската година. И тоа е еден доказ на таа консолидација којашто започна изминатите месеци, изминатата година во партијата, процес којшто, секако, зема време, и процес на којшто интензивно ќе работиме во следниот период“, рече претседателот на СДСМ.
На прашање дали планира да поднесе оставка од партиската функција, одговори – не.

„Планирам да продолжам да работам на консолидирање на партијата. Има огромен број луѓе до кои нашите пораки допираат и навистина ова е еден почеток”, рече тој.
Во коментарите на социјалните мрежи реакциите се различни, едни се увбедени дека „СДСМ се враќа“, други дека е време за оставки и „ремонт“ во партијата, особено по поразот во општина Струмица која важеше за бастион на СДСМ две децении.
Овој факт вчера беше нотиран и од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Победивме убедливо во првиот круг во Струмица. Дваесет години чекавме на овој ден“, рече Мицкоски.