Адеми повторно побара предвремени парламентарни избори

Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и портпарол на Националната алијанса за интеграција (НАИ), Арбер Адеми синоќа порача дека барањето за предвремени парламентарни избори не е за жедта за власт, туку за потребата од одразување на волјата на граѓаните во институционалната застапеност.
„Не бараме предвремени избори за ДУИ или НАИ да можат да бидат на власт по секоја цена. Ако победниците се оние кои моментално се на власт, тогаш нека владеат, но не така што ќе станат алатки на ВМРО-ДПМНЕ“, рекол Адеми.
Тој нагласил дека резултатите од изборите јасно покажуваат супериорност на опозициската коалиција и оттаму повторно бараат предвремени парламентарни избори.
„Односот е 20 спрема 15 во бројот на пратеници во корист на НАИ. Затоа, бараме предвремени избори“, нагласил Адеми во изјава за ТВ Алсат.
Адеми, исто така, порачал дека опозицијата од албанскиот политички блок е значително зајакната на терен, а резултатот од локалните избори е јасен сигнал дека граѓаните бараат политички и владини промени.