ОЈО Охрид по речиси една година поднесе обвиненија за несреќата во која работник падна во лифтовско окно и загина

Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинителен предлог против две физички и две правни лица поради смртта на работникот Кристијан Љушев, кој на 12 јануари паднал во лифтовско окно во зграда во изградба и починал на самото место.

Обвинетите се товарат за тешки дела против општата сигурност, предизвикување општа опасност, повреда на правата од работен однос и непреземање мерки за заштита при работа.

Според обвинението, првообвинетиот, како одговорно лице во едно од правните лица и инвеститор на објектот, не презел основни заштитни мерки и не постапил согласно со техничките правила предвидени со Законот за градење. Лифтовското окно не било обезбедено со заштитна ограда, градилиштето не се одржувало уредно, влезот во зградата не бил обезбеден од неовластени лица, а на скалите немало огради за спречување падови.

Несреќата се случила во утринските часови на 12 јануари, кога четворица работници, ангажирани од второто обвинето правно лице, влегле во објектот за да пренесат дел од мебелот. При пристигнувањето на четвртиот кат, еден од нив се сопнал од кофа оставена во ходникот, изгубил рамнотежа и паднал во отворот за лифт, од четвртиот кат до подрумските простории. Здобивајќи се со многу тешки телесни повреди, починал на местото на несреќата.

Со обвинението се опфатени и правното лице кое ги ангажирало работниците и неговиот управител. Обвинителството смета дека тие не ги почитувале прописите за работни односи и заштита при работа.

Починатиот Кристијан Љушев бил ангажиран без договор за вработување, односно работел во целосно непријавен работен однос. Му било дозволено да извршува задачи како помошник-монтер без основна обука за безбедност и здравје при работа, без здравствен преглед и без соодветни упатства за работа во услови со зголемен ризик.

Според обвинението, работниците добивале усни работни налози од управителот и работеле во зграда во изградба без претходен увид и процена на работната средина, иако постоела зголемена опасност за нивната безбедност и здравје.

Поради опасност од статусни промени и отуѓување на имотот на обвинетите правни лица во текот на постапката, јавниот обвинител до Основниот суд во Охрид доставил и предлог за определување мерка за обезбедување – забрана за статусни промени во двете фирми.

Back to top button
Close