Акционери ја тужат „Алибаба“ за прикривање врски со фирма осомничена за набавка на чипови од „Енвидија“

Акционери на кинескиот технолошки гигант „Алибаба“ поднесоа тужба пред федералниот суд во Менхетен, обвинувајќи ја компанијата дека ги довела во заблуда инвеститорите и ги прикривала своите деловни врски со сингапурска компанија осомничена дека му помогнала на Пекинг да дојде до напредните чипови за вештачка интелигенција на американската „Енвидија“, објави „Ројтерс“.

Во предложената колективна тужба се тврди дека „Алибаба“ вештачки ја одржувала цената на своите акции, минимизирајќи ги во годишните извештаи за 2024, 2025 и 2026 година ризиците од можно прекршување на американските ограничувања за извоз. Според акционерите, таквите прекршувања можеле да имаат сериозни последици врз работењето на компанијата.

Во центарот на случајот е сингапурската компанија „Мегаспид“, за која постојат сомневања дека ѝ помогнала на Кина да добие пристап до напредните процесори на „Енвидија“. Извршната директорка на „Мегаспид“, Алис Хуанг, била во врска со извршниот директор на „Енвидија“, Џенсен Хуанг, иако двајцата не се роднински поврзани.

Акционерите тврдат дека „Алибаба“ станала доминантен клиент на „Мегаспид“, а објавените информации за нивната поврзаност предизвикале пад на акциите на кинеската компанија за 14 проценти во период од четири дена минатата недела.

 

Во тужбата се наведува и дека извештаите за случајот би можеле да го поттикнат Вашингтон дополнително да ги заостри ограничувањата за далечински пристап на кинеските компании до напредните процесори за вештачка интелигенција.

„Алибаба“ не одговорила веднаш на барањата за коментар. Со тужбата е опфатен и извршниот директор на компанијата, Еди Ву, кој во меѓувреме изјавил дека компанијата и натаму е на пат да ја оствари целта до 2030 година – приходи од 100 милијарди долари од надворешни клауд-услуги и маржа на ЕБИТДА од 20 проценти.

Сепак, Ву предупредил дека американските ограничувања за пристап до компјутерска моќ би можеле да влијаат врз производите и услугите на компанијата во текот на следната година. И „Енвидија“ се соочува со повеќе тужби од акционери поврзани со шпионскиот скандал, во кои се отвораат прашања за одговорноста на директорите и надзорот врз работењето на компанијата.

Back to top button
Close