Трамп: Путин треба да ја заврши војната во Украина, наместо што тестира ракети
Американскиот претседател Доналд Трамп објавата на рускиот претседател Владимир Путин за успешното тестирање на нуклеарна ракета денеска ја оцени како „несоодветна“.

„Несоодветно е Путин да го каже тоа. Тој треба да ја заврши војната во Украина“, изјави американскиот претседател за време на неговата азиска турнеја.„Оваа војна, која требаше да трае една недела, е на прагот да влезе во својата четврта година“, рече Трамп, додавајќи дека Путин треба да се занимава со таа војна наместо да тестира ракети.
Рускиот претседател вчера објави дека е успешно извршен последниот тест на нуклеарната ракета „Буревестник“, пофалувајќи го тоа, според него, „уникатно“ оружје со дострел до 14.000 километри.
„Одлучувачките тестови сега се завршени“, рече Путин во видео објавено од Кремљ за време на состанокот со воените претставници.
Тој нареди почеток на „подготовка на инфраструктурата за распоредување на ракетниот систем „Буревестник“ во руските вооружени сили“.
За време на последниот тест, ракетата беше во воздух „околу 15 часа“ и прелета 14.000 километри, изјави началникот на Генералштабот на руската армија Валериј Герасимов, додавајќи дека „ова не е границата“ на ова оружје.
„Техничките карактеристики на „Буревестник“ овозможуваат да се користи со загарантирана точност против високо заштитени локации на кое било растојание“, рече Герасимов.
Во 2018 година, Путин објави дека руската војска развива производство на ракета која, според него, може да ги надмине сите системи за пресретнување.
фото:Х






