Без инциденти поминуваат собирите на поддржувачите на српските власти и на мајката која штрајкува со глад заради смртта на своето дете кое загина во падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад

Во Белград, пред Собранието на Србија, се одржуваат од попладнево два собира – едниот каде што се собрани поддржувачи на властите и студенти кои се противат на блокадите, а другиот – собир во поддршка на Дијана Хрка, мајка на загинато момче лани во падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад. На тој собир повикаа студентите во блокада.

Голем кордон на жандармеријата во опрема за разбирање протести ги дели двете групи. Сообраќајот во центарот на Белград е во прекин од доцна попладнето.  До 20 часот не беа регистрирани никакви инциденти на двата собира.
Поддржувачите на властите се собраа денеска по 17 часот пред српскиот парламент (шаторска населба колоквијално наречена Ќациленд), каде што пречекаа група Срби кои веќе неколку дена пешачеа од Косово, додека друга група Срби, која веќе осми ден пешачи од Косово кон Нови Сад, каде што е најавен митинг против блокадите, стигна до Белград.
На присутните им се обратија претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, претседателот на Српската напредна странка, Милош Вучевиќ и други.Околу 20 часот тие се разодитоа, и во близина на српскиот Парламент остана групата поддржувачи на Дијана Хрка.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва оцени дека граѓаните на Србија заслужуваат повеќе од она што им го нудат неговите политички противници и го повтори повикот за дијалог, нагласувајќи дека секој разговор е корисен.
„Ви благодарам за секој изговорен збор. Не лутете се, ми се чини дека граѓаните на Србија заслужуваат повеќе од она што им го понудивте“, рече Вучиќ на Инстаграм профилот со објавено видео во кое се граѓаните кои ја поддржуваат Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка, кој загина лани при падот на бетоската настрешницата на железничката станица во Нови Сад.

Дијана Хрка почна штрајк со глад пред три дена.

Вучиќ повика на дијалог, нагласувајќи дека е подготвен да ги слушне сите нивни пораки.

„Драги браќа и сестри, уште еднаш ве повикувам на дијалог и подготвен сум да слушнам вакви елитистички и возвишени пораки, бидејќи сум убеден дека секој разговор е корисен“, рече Вучиќ.
Неговата порака на Инстаграм  е со пропратно видео од вечерашниве протести на кое се слушаат погрди пораки упатени кон него.
Српскиот претседател претходно најави дека се подготвува голем собир на 11, 15 или 16 ноември на поддржувачи на властите.

Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека околу 47.500 граѓани присуствувале на дочек на Срби од Косово пред српскиот Парламент.
Во соопштението за медиумите се наведува дека собирот бил уредно пријавен и дека собирот е мирен, без нарушување на јавниот ред и мир, без инциденти и без повредени лица. Во исто време, учесниците на ненајавен јавен собир што се одржува во близина на Парламентот со цел да ја поддржат Дијана Хрка, според проценките, на таа локација биле присутни околу 2.600 граѓани.
Дијана Хрка апелираше попладнево до граѓаните, кои ја поддржуваат додека штрајкува со глад во српското Собрание, да останат смирени и достоинствени и да не предизвикуваат немири. Таа штрајкува со глад веќе четири дена во близина на шаторската населба во близина на Собранието на Србија, и побара од нејзините поддржувачи да не фрлаат шишиња и други предмети кон припадниците на жандармеријата.
Таа ги замоли присутните да останат достоинствени и да не се приближуваат до Пионирски парк, за да нема судири.
Собири за поддршка на Хрка има и во неколку други градови низ Србија.

Back to top button
Close