Први ќе влеземе во ЕУ
Со многу прашања не се согласувам со премиерот Мицкоски, но кога станува збор за барањето на судиите за зголемување на нивните плати, тој е потполно во право. Според неговите пресметки, ако ги следи нивните фантазии, претседател на суд во Македонија би зел 8 просечни плати, а судија или обвинител би зел 3,5 просечни плати.
Безобразно големи плати не подразбираат автоматски, ниту гарантираат независност, професионалност, транспарентност, непристрасност, да бидат подложени и обврзани на одговорност судиите, обвинителите, пратениците, министрите, директорите, функционерите, предложени и бирани од власта.
Но, она што Мицкоски го има како задача е да го реформира правосудството, да ги впрегне сите надлежни институции да започнат веќе еднаш транспарентна проверка на финансиската состојба на судиите и обвинителите, а паралелно да се спроведуваат и контроли на нивната досегашна и сегашна работа. Сеопфатна повторна евалуација на сите судии и обвинители е единственото решение за длабоки реформи во судството. Сериозна проверка на нивните финансии, но и на семејствата , на професионалните перформанси и интегритетот.
На тој начин ќе се спроведе отстранување на оние кои не можат да го оправдаат своето богатство или судски и други одлуки. Проверката е болна, но секако ефикасна, таму каде што корупцијата е длабока и системска, a најдобар пример за тоа се досегашните реформи во пост-комунистичките земји, кои подоцна стануваат членки на ЕУ. Повисоките плати на судиите и обвинителите тешко дека би го намалиле поттикот за поткуп, доколку не се комбинираат со строг надзор од страна на сите финансиски и други институции кои се во рацете на Мицкоски.
Тој сега има апсолутна моќ, што подразбира апсолутна одговорност и апсолутни резултати, инаку секако дека би се претворила таквата власт во апсолутна корупција.
Неговите вчерашни изјави на самитот во Тирана наречен „Нашиот пат кон ЕУ“ можеби го фасцинираат гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ, дека први ќе стигнеме на целта, во ЕУ, од другите земји на Западен Балкан, затоа што вели дека ние како држава ќе бидеме компетитивни, согласно испораката, реформите кои се прават од страна на власта. Можеби власта и нивните гласачи искрено веруваат дека скоро сите реформи се направени, испорачани, но во исто време убедени се дека залудно е сето тоа, затоа што Бугарија е единствениот кочничар за нашите успеси и подвизи да бидат верификувани во ЕУ.
Но, доколку е навистина така, никогаш нема да ни стане јасно зошто сме една од најсиромашните, најнеобразованите држави во Европа, на топ-листите на загаденост, корупција која убива секојдневно, првенци во смртност на доенчиња, распаднато здравство и школство, заглавени до гуша со ѓубре и канализации во калливите буништа низ истата таа држава. Несомнено, ова се вистинските резултати од досегашните реформи на власта, и затоа и први ќе влеземе во ЕУ од сите останати земји на Западен Балкан, како што презадоволно и пресреќно соопштува премиерот.







