Пријавата на Перев, изјавата на Мицкоски и Копенхашките критериуми

До денешната изјава на премиерот Мицкоски пренесена од медиумите дека „вчера имал консултации во врска со пријавата од новинарот и публицист Владимир Перев дека бил објект на вербален и физички напад од непознато лице… и дека „апсолутно отфрла оти имало било каков напад“ – постоеше можност случајот да има само „пропагандна намена“.
Но, со изјавата денес премиерот влезе во стапицата.
Бидејќи, небитно каква е етничката припадност на Перев, изјавата на Мицкоски ги отвора прашањата:
– По која основа премиерот „апсолутно тврди“ дека има или нема напад врз новинар, граѓанин на РСМ пред тоа да го каже МВР?
– Дали со тоа премиерот му укажа на МВР како да ја води или дека треба да ја затвори истрагата? А ако да, дали тоа значи дека премиерот или неговата партија одлучува која истрага ќе се води, како и со каков епилог?
Едноставно, само целосното расветлување на настанот со утврдување на фактичката состојба од страна на МВР можеше да утврди напад и напаѓач или лажно пријавување.
Сега, по изјавата на Мицкоски, одеднаш стана небитно што ќе утврди и соопшти МВР.
Повторно, по сите афери за „ВМРО-МВРО“, „Сваровски-судство“, „СЈО/Боки тредичи“ се до последниот судир меѓу Владата и Јавното обвинителство.
Оваа реакција на премиерот, имено, го отвори прашањето на владеењето на правото во Северна Македонија повеќе од самата пријава на Перев.
А владеењето на правото е еден од Копенхашките критериуми.
Во држава во која владее правото – нарушувањето на човеково право, физички интегритет и безбедност на било кој граѓанин на Северна Македонија, без оглед на етничката припадност – го утврдува и санкционира надлежна институција во јасна и пропишана постапка, а не премиерот.
Ако Владата на Груевски го произведе случајот „Спаска Митрова“ кој се провлекуваше како забелешка во бројни извештаи на ЕК, Владата на Мицкоски на овој начин ризикува да произведе случај „Перев“.
Или тоа е целта?

Ивон Величковски

Back to top button
Close