Анкара: Над 150 градежни работници хоспитализирани поради сомневање за труење со храна, приведени четири лица

Вкупно 154 работници од иста градежна компанија беа примени во различни болници во турската престолнина Анкара во текот на вчерашниот ден, со сомневање за труење со храна, јави Анадолија.

Според првичните проценки на екипите испратени на местото на настанот, вчера напладне работниците, кои се наоѓале на различни градилишта во градот, конзумирале пилешки донер, доставен од фирма за кетеринг. Потоа, многумина од нив се јавиле на Итната помош со поплаки за мачнина и повраќање.

Вкупно 154 лица побарале помош во различни здравствени установи во Анкара, а дел од нив биле пренесени со брза помош. Досега осум работници се отпуштени од болница, 142 се наоѓаат во ургентните одделенија, а четворица се на интензивна нега.

Турската полиција веќе започна истрага за случајот, во рамките на која досега се приведени сопственикот на фирмата за кетеринг и тројца нејзини вработени.

Серија слични инциденти ја зафатија Турција во последните недели, принудувајќи ги властите да ја зајакнат контролата на храната и да преземат засилени проверки на рестораните и објектите.

Најсериозниот случај во последните недели е поврзан со 4-члено семејство кое почина под сомнителни околности во хотел во Истанбул. Првично, во медиумите во земјата беше објавена информација дека смртта на двајцата родители и нивните деца е предизвикана од веројатно труење со храна, а беа приведени вкупно 11 лица, меѓу кои и сопственикот на хотелот. По дополнителна истрага и обдукција на телата на починатите, стана јасно дека труењето е предизвикано од токсичниот гас фосфин, а не се пронајдени траги од труење со храна во крвта, желудникот, црниот дроб, бубрезите, цревата и белите дробови на членовите на семејството.

Back to top button
Close