Кој ја тепа мајка му на Илче?!

Мајката на малиот Илче, детето со ретка болест кое беше згрижено во мал групен дом во Демир Капија, пред неколку дена била модра во ликот од тепање, дознава ,,Слободен печат” од очевидци. Жената има тешки психички и физички попречувања, со години е жртва на насилство, но сепак заработи кривична пријава зашто го остави синот, дете со посебни потреби без грижа, храна и нега, со што беше доведен во прашање животот на единасесетгодишникот.

Слободен печат се обрати до МВР и до Центарот за социјални работи-Охрид за повеќе информации, дали случајот со тепањето на мајката е пријавен во полиција, со оглед на тоа што тепањето било евидентирано од социјални работници кои дошле на лице место во куќата каде што живее мајката.

– Ја видов од едната страна на ликот, беше модра, а присутни беа и четворица од Центарот за социјални работи на лице место и ѝ дадоа нешто да потпише. Таа постојано ме прашува за Илче, вели каде ми е детето. Кога ќе и речам дека е добар, знае да се насмевне, вели нашиот извор.

Мајката доби кривична пријава која полицијата ја поднесе по службена должност, откако неколку недели без храна, грижа и терапија го оставила Илче во закрила на познаници без медицинска компетенција ниту знаење како да се грижат за дете со ретка дијагноза. Откако се случи ова, детето беше доведено на раб на смртта, бидејќи било хрането само со по една чаша млеко дневно, а кога стигнало во болница било екстремно потхрането, со контрактури и со рана од десната страна на телото која настанала од деноноќно лежење во иста позиција на подот во охридската куќа.

Иако МВР поднесе кривична пријава за мајката на Илче по службена должност, сепак таа има тешки психички и физички попречувања, односно не поседува интелектуален капацитет за расудување што беше причина голем број граѓани да се запрашаат како правдата се задоволува на начин што на лице кое не може да се грижи за себе, му се бара одговорност пред законот, наместо да му се пружи помош. Исто така, познаници се обидуваат да ја искористат ситуацијата и да ја присвојат куќата за себе, иако формално правно не им припаѓа.

Повеќе на Слободен печат.

Back to top button
Close