Мицкоски и Сиљановска-Давкова дојдоа во Собранието — се одржува седницата за трагедијата во Кочани
Фото: „Слободен Печат“/ Слободан Ѓуриќ
Денеска во Собранието се одржува седницата на Постојаната анкетна комисија посветена на трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“.
На седницата присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Собранието Африм Гаши, како и родителите на загинатите деца.
На дневен ред е претставката поднесена од Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“, формирано од родителите на загинатите деца.
Во писмото на Здружението се посочува дека ова за нив не е политичка тема, туку борба за правда за нивните деца и спречување на идни вакви случаи. Во писмото се нагласува дека родителите не сакаат ништо повеќе од она што Уставот и законите треба да го гарантираат: одговорност и почитување на човековите права и човечкиот живот, а за што сметат дека постои јасна и неодложна обврска институциите да дејствуваат.






