МВР му поднесе кривична пријава на Оливер Спасовски за случајот „Беса Транс“
МВР соопшти дека вчера Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против поранешниот министер за внатрешни, од редовите на СДСМ – Оливер Спасовски.

„Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против поранешниот министер за внатрешни О.С.(49) од Куманово, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл.353 ст.4 во врска со ст.1 од КЗ“ велат од МВР.
Соопштуваат дека „О.С. додека ја извршувал функцијата министер за внатрешни работи, односно во текот на 2021 година, искористувајќи ја својата службена положба и овластување овозможил на правен субјект- технички преглед во општина Сарај да се стекне со противправна имотна корист во износ од 5.565.927 денари“.
„О.С. делото го сторил на начин што во законски предвидениот рок не донел решение за одземање на овластување за технички преглед врз основа на предлог, доставен од надлежна организациска единица за граѓански работи. Истиот, иако знаел дека рокот за донесување решение за одземање на овластувањето е најдоцна до 15 дена од денот на доставување на предметот, не ја извршил својата службена должност согласно чл.65 ст.3 од Законот за возила и чл.5 од Правилникот за начинот и постапката за донесување и одземање на решението за овластување на правното лице за технички преглед на возила и за категории на возила за кои се издава овластување за технички преглед на возила“ се вели во соопштението од МВР






