Рената Дескоска избрана за потпретседател на Венецијанската комисија

Поранешната македонска министерка за образование и правда во владата на СДСМ – Рената Дескоска (53) е избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија.
„Денеска сум избрана за потпретседателка на Венецијанската комисија, која ја одржува својата 145 та сесија на 12 и 13 декември во Венеција. Во текот на вчерашниот ден за нова претседателка на Венецијанската комисија е избрана Марта Картабија, професорка по уставно право и поранешна министерка за правда во Италија. Денеска се избрани тројца потпретседатели на Венецијанската комисија: јас, Ерик Холмовик од Норвешка и Тимоти Оти од Обединетото Кралство“ напиша Дескоска на Фејсбук.
Таа порача „Среќна сум за тоа што сум првата потпретседател/ка на Венецијанската комисија која потекнува од Македонија, но исто така и која потекнува од земја која не е членка на ЕУ, или од било која од земјите кои произлегоа од поранешна Југославија. Денешниот избор го сфаќам како признание за мојата активност и досегашен придонес во работата на Венецијанската комисија. Досега учествував во изработката на 14 мислења за различни земји, кои ги презентирав на пленарните седници и кои едногласно беа усвоени. Воедно како претставник на Венецијанската комисија учествував и во повеќе мисии и конференции“.
Според неа, „Денешниот избор е обврска повеќе да продолжам со мојот ангажман на промоција на европските стандарди во областа на демократијата, човековите права и владеењето на правото. Благодарам на сите кои ме поддржаа на патот до втор човек во Венецијанската комисија“.






