Барањето на Љупчо Пецов (Ѓаволот) за укинување на притворот било одбиено пред две недели, се огласи Апелација

Откако во саботата беше уапсен адвокатот Фехми Стафа, под сомнение за влијание кое требало да го изврши врз судија за укинување на мерка притвор, а за што наводно зел мито од 50.000 евра, од Алелација информираа дека за осомничениот кој се спомнува во јавноста Љупчо Пецов (Ѓаволот) решението било донесено пред две недели, а со кое му е одбиено барањето за укинување на притворот.

-Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите во врска со постапувањето по кривичниот предмет KСЖ-1214/25, оформен по жалба на осомничениот Љупчо Пецов од Неготино, информира дека:Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје со решение КСЖ-1214/25 од 02.12.2025 година едногласно ја одби жалбата на осомничениот Љупчо Пецов од Неготино и го потврди решението на Основниот кривичен суд Скопје со кое е одбиен предлогот за укинување мерка притвор и определување мерка за обезбедување присуство на осомничениот – гаранција

.

Согласно наведеното, во сила е останато решението за определување притвор по сите основи од член 165 став 1 точка 1, 2 и 3 од ЗКП и тоа сметано од денот на пронаоѓање и лишување од слобода.

Понудената гаранција во услови кога мерката притвор е определена и опстојува и по основот од точка 2 од член 165 став 1- „постои основан страв дека ќе ги сокрие фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или ако особени околности укажуваат дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците вештаците соучесниците или прикривачите“, не е дозволена и како таква законски не била предмет на разгледување и одлучување од страна на советот на овој суд.

По завршување на жалбената постапка Решението на Апелациониот суд Скопје КСЖ-1214/25 од 02.12.2025 година е доставено до Основниот кривичен суд на 11.12.2025 година на понатамошно постапување, велат од Апелација.

По одговорот од Апелација останува нејзно како требало да се изврши подмитувањето кога одлуката за притворот веќе била донесена.

Инаку, од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција вчера објавија детали за предметот за Стафа, кој вчера беше уапсен. Според нивните информации тој побарал мито од 100.000 евра, а примил 50.000 за да влијае кај судија за да укине мерка притвор.

-Jавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание.

Во периодот од октомври до 13.12.2025 година осомничениот примил вкупен износ од 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание за да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје и за со поткуп кон судијата да влијае за да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.

Првично, осомничениот побарал 100.000 евра за да влијае за укинување на мерка притвор определена кон лице кое е недостапно на органите на прогонот и против кого ОЈОГОКК води друга постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството. На 06.10.2025 година примил дел од побараниот износ и тоа 30.000 евра, што му ги предала сестрата на лицето во бегство. На 13.12.2025 година директно побарал и примил уште 20.000 евра како дел од поткупот што го барал за да го даде на судијата. Непосредно по примањето на паричните средства осомничениот е лишен од слобода и кај него се пронајдени парите, информираат од Обвинителството.

По разрешувањето на Стафа од позицијата државен правобранител, тој работеше како адвокат.

Back to top button
Close