Лица поврзани со „Росњефт“ и „Лукоил“ додадени на листата на санкционирани на ЕУ
Советот на ЕУ денеска донесе одлука за проширување на листата на санкционирани лица одговорни за поддршка на т.н. руската „флота во сенка“, со додавање на уште пет поединци и четири компании.

Санкционираните поединци се бизнисмени директно или индиректно поврзани со руските државни нафтени компании „Росњефт“ и „Лукоил“.
Тие се осомничени дека контролираат бродови со кои илегално се транспортираат нафта или нафтени деривати што се извезуваат од Русија, прикривајќи го нивното вистинско потекло, со што практикуваат нерегулиран и високоризичен транспорт. На овој начин, според Советот на ЕУ, тие и овозможуваат дополнителни приходи на руската Влада за водење на војната во Украина.
Санкционираните четири правни субјекти се компании со седишта во Обединетите Арапски Емирати, Виетнам и Русија, кои поседуваат или стопанисуваат со танкери што се дел од „флотата во сенка“ со што учествуваат во кршењето на рестриктивните мерки воведени од страна на ЕУ.
На оваа листа на санкционирани поради поврзаност со „флотата во сенка“ се наоѓаат над 2600 физички и правни лица.
На санкционираните им се замрзнати средствата во ЕУ, а на граѓани и компании од блокот им е забрането да им ставаат на располагање активи, финансии или други економски ресурси. Дополнително на санкционираните физички лица им е забрането патување, влез или транзит низ територијата на ЕУ.






