Циарас ги повика грчките земјоделците на дијалог и ја остави отворена можноста за нови мерки за поддршка

Дел од барањата што ги поставуваат земјоделците се оправдани и ги одразуваат притисоците со кои се соочува примарниот сектор поради трошоците за производство, меѓународните случувања и последиците од климатската криза. Сите знаат дека Владата е во дијалог со нив во изминатите месеци, посочи министерот за земјоделство на Грција Костас Циарас, оставајќи ја отворена можноста за разгледување на нови мерки, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчките земјоделците кои веќе 16 дена протестираат низ цела Грција, испратија допис до Владата со нивните барања, а надлежниот министер денеска, преку изјава за медиумите посочи дека „постои простор да се разгледаат интервенции“.
Како што објасни Циарас, овие интервенции се однесуваат на: трошоците за производство, преку мерки што директно ги намалуваат оптоварувањата и ја зајакнуваат ликвидноста на производителите; енергијата, со обезбедување стабилна и пониска цена на електричната енергија за земјоделството; на нафтата; на земјоделското осигурување, со итни измени на правилникот, така што обесштетувањата ќе покриваат 100 отсто од осигурената штета и зајакнување на секторите што се под најголем притисок.
– Веднаш ги повикуваме претставниците на земјоделците на суштински дијалог, за да ги разгледаме и поединечните прашања. Колку побрзо се случи тоа, толку подобро. И за земјоделците и за сите други општествени групи. Со почит кон нивните потреби, но и со целосна свест за реалните можности на државата. Општеството очекува одговорност и од Владата и од претставниците на земјоделците, посочи Циарас.
Дополнително, рече дека Владата и Министерството за земјоделство со најголема сериозност ги разгледуваме проблемите на земјоделскиот сектор и секогаш настојуваат целосно да ги искористат можностите за поддршка, како преку национални средства така и преку европски фондови, но тоа „не значи дека не постојат проблеми што треба да се решат“.
– Од наша страна, како што јасно истакна и самиот премиер, постои волја суштински да се разговара за сите прашања што го засегаат земјоделскиот свет. Во тој контекст, внимателно го разгледавме секое барање, земајќи ги предвид и потребите на производителите и издржливоста на економијата, како и европската институционална рамка, објасни Циарас.
Грчките земјоделци, во саботата одржаа со учество на претставници од цела Грција, одлучија да не одат на средба со грчкиот премиер и испратија писмо до Владата со нивните барања, кои и јавно ги објавија.
Меѓу другото бараат: итна исплата на сите долгови што им ги должи државата; гарантирани минимални цени кои ќе ги покриваат трошоците за производство; намалување на трошоците за производство; надомест на изгубениот приход за 2025 година за сите производи чии цени паднале под трошоците за производство; запирање на масовните увози и лажно прикажување како домашни на странските земјоделски производи; итно двојно зголемување на земјоделските пензии.
Дополнително, се осврнуваат и на скандалот со ОПЕКЕПЕ, односно скандалот со европските земјоделски субвенции и бараат да се вратат и распределат украдените средства на вистинските корисници, земјоделците да не ги плаќаат казните, но и да се утврдат политичките и кривичните одговорности и јавно да се објават имињата.
Протестите на земјоделците започнаа на 30 ноември, со блокади низ цела Грција, како на граничните премини кон Евзони и Ники кон нашата земја, но и кон Бугарија и Турција.






