Синоќа енормно загаден воздух во повеќе градови во Македонија
Енормно загаден воздух беше регистриран синоќа во повеќето македонски градови, при што измерените концентрации на ПМ-честички, особено ПМ2,5, достигнаа нивоа што се сметаат за опасни по здравјето. Поради тоа, се препорачува граѓаните да избегнуваат подолг престој на отворено.

Прегледот на состојбата со загадувањето на веб-страницата AQIcn.org покажува дека најзагадената точка во државата околу 22 часот синоќа била мерната станица лоцирана во дворот на основното училиште „Никола Вапцаров“ и градинката „Детска радост“ во Струмица.
На оваа локација, AQI-индексот, кој ги обединува повеќе параметри за загадување на воздухот, достигнал вредност од 339, што се класифицира како „опасно“ ниво дури и за целосно здрави лица.
Незначително пониски, но сè уште многу високи нивоа на загадување се измерени во Кичево, Скопје и Гостивар, каде што AQI-индексот се движел меѓу 200 и 300.
Во главниот град, како најкритични се издвојуваат мерните точки во Карпош 2, Карпош 4 и Аеродром, каде што индексот на загаденост достигнал околу 250.





