Како што расте притисокот, ЕУ презема мерки за контрола на миграцијата

Земјите од ЕУ минатиот понеделник решија значително да ги заострат европските правила за имиграција, одобрувајќи ја и идејата за воспоставување „повратни центри“ на баратели на азил што немаат право на престој во блокот од 27 земји.

Министрите за внатрешни работи на состанокот во Брисел се согласија на вакви мерки бидејќи европските влади се под притисок да заземат построг став кон миграцијата, со оглед на влошеното јавно мислење за неа коешто на избирачките места им донесе бројни гласови на екстремните десничара.

Намалувањето на нерегуларните влегувања во Европа – за околу 20 отсто во првата половина од 2025 г., според Фронтекс, агенцијата за управување со границите на ЕУ – не го намали притисокот врз властите да се справат со горливиот проблем.

– Мора да побрзаме, за да им дадеме на луѓето впечаток дека имаме контрола врз тоа што се случува, рече еврокомесарот за миграција Магнус Брунер.

– Три од секои четири нерегуларни мигранти на кои ЕУ им издала одлука за враќање остануваат тука наместо да се вратат дома, рече данскиот министер за имиграција Расмус Стоклунд, кој претседаваше со разговорите. – Верувам дека новите правила можат значително да помогнат бројкиве да се подобрат, додаде.

Договорот беше постигнат во рамките на Пактот за миграција и азил на ЕУ, кој беше одобрен лани и ќе стапи на сила во јуни 2026 г. Наменет е за подобро управување со миграцијата, поефикасни контроли и побрзо враќање на одбиените баратели на азил.

Новите иницијативи ги вознемирија активистите што работат со мигранти. Повеќе од 200 организации уште однапред ги критикуваа плановите на Европската комисија.

– Наместо да инвестира во безбедноста, заштитата и прифаќањето на различностите, ЕУ избира политики што ќе втурнат уште повеќе луѓе во опасност и правна неизвесност, рече Силвија Карта од Платформата за меѓународна соработка за недокументирани мигранти ПИКУМ, невладина организација што им помага на недокументираните мигранти. Оливија Сандберг Диез од Амнести интернешнал ги опиша договорените ставови како „обесчовечувачки“, а за идејата за повратни центри рече дека е „сурова и непрактична“.

Построги правила

Построгите правила поддржани од земјите членки би овозможиле:

  • Отворање центри вон границите на ЕУ во кои би се праќале мигранти чии барања за азил се одбиени – т.н. „повратни центри“.
  • Построги казни за мигрантите што нема да ја напуштат европската територија, како на пример подолг притвор.
  • Испраќање мигранти во земји што не се нивни земји на потекло, но коишто Европа ги смета за „безбедни“.

Министрите на ЕУ се согласија дека цела ЕУ ќе ги означи за безбедни земји на потекло Косово, Бангладеш, Колумбија, Египет, Индија, Мароко и Тунис.

Сите кандидатки за членство во ЕУ, исто така, општо ги исполнуваат критериумите да бидат означени како безбедни земји на потекло. Сепак, има исклучоци, како на пример кога земјата е во војна – каков што е случајот со Украина во мигов – или кога земјите членки на ЕУ вовеле санкции за некоја земја.

Земјите членки на ЕУ се согласија да го сменат и концептот за безбедни трети земји. Спротивно на претходно договорените правила, веќе нема да биде потребна директна врска меѓу подносителот на барањето и предметната безбедна трета земја.

Една трета земја сега се смета за безбедна кога има склучено договор со нација што ги почитува меѓународните стандарди за човекови права и принципите на меѓународното право. Целта е да се олесни товарот врз европскиот систем за азил така што ќе се депортираат луѓе во земји што не се членки на ЕУ во коишто можат да поднесат барање за заштита.

Земјите членки на ЕУ се договорија и околу сумите за солидарниот фонд за 2026 г. Наменет е за поправедна распределба на барателите на азил низ земјите членки на ЕУ во иднина за да им се олесни товарот на особено погодените земји.

Фондот за солидарност бара од земјите членки на ЕУ да прифатат мигранти што се релоцираат во нивната земја, да придонесат финансиски или да обезбедат оперативна поддршка. За 2026 г., планирани се 21.000 релокации или 420 милиони евра финансиски придонес.

Европската комисија утврди дека Кипар, Грција, Италија и Шпанија се под миграциски притисок. Овие земји можат да имаат корист од мерките за солидарност и може да бидат ослободени од придонес во фондот за солидарност.

Европската комисија ги посочи и Австрија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија и Полска како земји што се соочуваат со значителен миграциски притисок поради насобраните напливи во претходните години. Овие земји можат да побараат целосен прекин или делумно намалување на нивниот задолжителен придонес во фондот за солидарност.

На пример, Постојаното претставништво на Чешката Република во ЕУ објави на социјалната платформа X минатиот понеделник дека земјата е ослободена од придонеси во фондот за солидарност за 2026 г. бидејќи прифатила голем број бегалци од Украина.

Претседателот на Државната агенција за бегалци на Бугарија, Иван Иванов, исто така рече дека неговата земја им обезбедила привремена заштита на повеќе од 221.000 украински граѓани што сè уште се во земјата – но истакна дека нема зголемен миграциски притисок и дека досега се пополнети само 20 отсто од центрите за бегалци.

Некои земји веќе сигнализираа дека се подготвени да придонесат во механизмот за солидарност. Минатиот понеделник, на пример, државната секретарка на словенечкото министерство за внатрешни работи Тина Хеферле рече дека Словенија ќе даде правичен удел во фондот за солидарност. Сепак, не даде детална цифра бидејќи документите се доверливи.

Напредок по договорот меѓу Италија и Албанија за мигрантски центри

Деталите околу новите правила треба да бидат конечно допрецизирани во Европскиот парламент. Ако бидат одобрени, ќе им овозможат на земјите да основаат центри за репатријација вон ЕУ. Еден таков центар веќе се подготвува во Албанија, земја кандидатка за ЕУ, како дел од нејзиниот договор со Италија.

Десничарската влада на Италија се надева дека плановите на ЕУ ќе донесат и нова можност за нејзините контроверзни мигрантски градби во странство. Министерот за внатрешни работи Матео Пјантедоси изјави за весникот Ил Месаџеро дека прифатниот центар во пристанишниот град Шенѓин и центарот за депортација во Ѓадер треба да бидат „целосно оперативни“ до средината на 2026 г.

Пјантедоси беше мошне задоволен од зеленото светло за „повратните центри“. – Тоа е договор што многу го цениме, а Италија одигра важна улога, рече.

Италија ги втемели градбите во 2023 г. Планот беше камповите да се користат за обработка на барањата за азил на мигрантите што италијанската крајбрежна стража ги собрала во Средоземното Море.

Ако барањата им бидат прифатени, ќе им биде дозволено да заминат за Италија, а одбиените, пак, ќе бидат вратени во земји што се сметаат за безбедни. Сепак, процесот претрпе низа правни порази во италијанските и европските судови, што значи дека градбите останаа речиси празни.

Соработници и корисници

Некои земји членки на ЕУ изразија силен скептицизам кон новите правила договорени минатиот понеделник.

Унгарија нема да го спроведе договорениот механизам за солидарност и нема да прифати „ниту еден мигрант“, изјави минатата среда висок владин претставник цитиран во унгарските медиуми. Унгарскиот премиер Виктор Орбан со години е во конфликт со Европската комисија поради неговите рестриктивни политики за азил.

Словачкиот министер за внатрешни работи Матуш Шутај Ешток, исто така, изјави дека неговата земја го одбива задолжителниот механизам за солидарност при прераспределбата на барателите на азил. Според неговата изјава објавена од словачката новинска агенција ТАСР, земјата треба да биде ослободена од учество со оглед на тоа што има прифатено десетици илјади бегалци од Украина откако избувна војната.

Новата чешка влада – составена од партиите АНО, Слобода и директна демократија и Возачите сами за себе – планира да го отфрли мигрантскиот пакт на ЕУ.

– Ќе воведеме политика на нулта толеранција кон нелегалната миграција. Ќе го отфрлиме пактот за мигранти на ЕУ и ќе усвоиме нов закон за миграција и азил, се вели во соопштението за предложените политики на коалицијата.

Земјите членки на ЕУ ги носат одлуките за политиката за имиграција и азил со квалификувано мнозинство во Советот на ЕУ. За да се донесат нови правила, треба да гласаат „за“ 55 отсто од земјите на ЕУ што сочинуваат 65 отсто од населението на ЕУ.

Другите земји претежно ги поддржуваат новите правила, но посочуваат и дека наместа можеби ќе мора да претрпат измени.

Франција, од своја страна, ја доведе во прашање законитоста и ефикасноста на дел од предлозите.

Полска, пак, се обиде да го прошири списокот на безбедни земји на потекло „за да се намали притисокот од емиграција врз ЕУ“, изјави заменик-министерот за внатрешни работи Мацеј Душчик минатиот понеделник.

По бриселскиот состанок на министрите за внатрешни работи, германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт изјави дека Германија веќе нема да прима баратели на азил, а нема ни да дава финансиска помош.

Меѓутоа, според една анализа на ЕК, Германија може да тврди дека веќе се грижи за голем број баратели на азил за кои, според Даблинската регулатива на ЕУ, всушност би требало да бидат одговорни други земји членки на ЕУ. Даблинските правила велат дека првата земја од ЕУ во која влегуваат барателите на азил е најчесто одговорна за обработката на нивните барања за азил.

Агенцијата за азил на ЕУ соопшти дека германските власти примиле 70.000 барања од новодојденци во првата половина од годината. Со ова, Германија се најде на третото место во ЕУ по примени барања за азил, по Франција (78.000) и Шпанија (77.000).

Во текот на процедурата на финализирање на новите правила во Европарламентот не се очекуваат некои големи промени.

Back to top button
Close