Државата за 375.000 евра продава акции во Алта банка, кои беа на ,,Ексико”, а одземени од Мијалков

Агенцијата за управување со одземен имот продава 7.213 акции во Алта банка или поранешна Стопанска банка Битола, а кои беа конфискувани во случајот ,,Империја”. Според обвинителството, овие акции беа одземен од фирмата ,,Ексико”, а во сопственост на екс директорот на УВК, Сашо Мијалков.
,,Хартии од вредност – 7213 обични акции во Стопанска банка Битола, со номинална вредност од 3000 МКД, без ограничување, чиј имател е ДПТУ ЕКСИКО ДООЕЛ Скопје, согласно Целосен извештај за имател, издаден од Централен депозитар за хартии од вредност на 22.11.2021 година, со вкупна вредност од 352.000 евра, информираа тогаш од Обвинителството, објавувајќи листа од одземениот имот на Мијалков.
Од Агенцијата за управување со одземен имот пак сега информираат дека за продажба се огласени обични акции на Алта Банка АД Битола (поранешна Стопанска Банка АД Битола), кои ќе бидат понудени на продажба на Македонска берза на хартии од вредност АД Скопје по пат на јавна берзанска аукција.
Во огласот пишува дека номинална вредност на акција е 3.000 денари, а почетна продажна цена на една акција е 3.194 денари. Ова значи дека вкупната почетна цена на сите акции е 375.000 евра.
-Акциите ќе се продаваат на Македонска берза за хартии од вредност АД Скопје по пат на јавна берзанска аукција според моделот “се или ништо„.
Со оглед на тоа што предмет на продажба се акции издадени од Алта Банка АД Битола (поранешна Стопанска Банка АД Битола), потребно е да се има предвид дека согласно Законот за Банки, доколку некој од купувачите се стекне со квалификувано учество мора претходно да има добиено согласност од НБРСМ.
Во Законот за банки е предвидено дека секое лице кое има намера, директно или индиректно, постапно или одеднаш, да стекне акции чиј вкупен кумулативен номинален износ изнесува или надминува 5%, 10%, 20%, 33%, 50% и 75% од вкупниот број на акции, односно од вкупниот број на издадени акции со право на глас во банката, без оглед на тоа дали акциите ги стекнува само илизаедно со други поврзани лица, директно или индиректно, е должно да поднесе барање до Народната банка за добивање претходна согласност.
Учесници во аукцијата кај продажбата на акции издадени од Алта Банка АД Битола (поранешна Стопанска Банка АД Битола) можат да бидат само купувачи што ги исполнуваат законските услови, појаснуваат од Агенцијата.
Јавната берзанска аукција ќе се одржи на ден 05, 08, 09, 12 и 13 јануари 2026 година.
Извор: fokus.mk






