Сточарите до Владата: Или исплата на субвенциите неделава или блокади на патиштата од петок

„Трпението е потрошено, ножот е дојден до коска“. Со оваа порака, Сојузот на одгледувачи на овци и земјоделците поддржани од КСОМ најавија дека в понеделник (22 декември) ќе излезат пред Владата. Ако не ги добијат парите неделава, од петок најавуваат радикализација и целосна блокада на државата.
Сточарите предупредуваат дека овчарството е во завршна фаза на колапс, а државата им должи неверојатни 1,5 милијарди денари само за субвенциите за 2024 година.
Револтот кулминира бидејќи Владата го пробила сопствениот рок. Според земјоделците, сите заостанати субвенции требало да бидат исплатени најдоцна до 30 јуни 2025 година. Денес, речиси шест месеци подоцна, сметките на сточарите се празни.
„Се наоѓаме на крајот на 2025 година, а сè уште не се исплатени субвенциите за одредени мерки од 2023 година, како и за целата 2024 година. Денес, наместо пари – владее молк“, велат од Сојузот.
Сточарите се жалат дека се двојно казнети. Дури и да ги добијат парите сега, тие вредат многу помалку.
Цените на сточната храна скокнале за 30-40%.
Реалната вредност на субвенциите е намалена за минимум 20%.
Бидејќи исплатата доцнела, тие не можеле навреме да набават храна за време на жетвата кога била поефтина, па сега мораат да плаќаат поскапо.
Барањата се децидни:
Итна исплата на сите заостанати субвенции во текот на оваа работна недела.
Компензација за изгубената вредност на парите.
Гарантирани откупни цени за следната сезона.
Доколку Владата не реагира веднаш, од петок, 26 декември 2025, земјоделците најавуваат ОПШТИ ПРОТЕСТИ со блокирање на сите главни сообраќајници низ државата.
„Ако не бидеме исплатени сега, следниот термин е март 2026 година, што е неприфатливо. Нашите семејства не можат да чекаат ниту ден повеќе. Фарми што хранеле генерации се затвораат, луѓе стануваат социјални случаи“, предупредуваат организаторите пред утрешниот собир пред Илинденска бр. 2.






