Амбасадорката Агелер заминува од Македонија – Трамп менува 30 амбасадори

Потегот се толкува како дел од пошироката стратегија за целосно усогласување на дипломатијата со доктрината „Америка на прво место“.

Со серија тивки, но далекусежни одлуки, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп влезе во нова фаза на дипломатско преструктуирање, објави „ApNews“.

Речиси 30 кариерни амбасадори добиле известување дека нивната мисија завршува, а меѓу нив е и амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер.

Потегот се толкува како дел од пошироката стратегија за целосно усогласување на дипломатијата со доктрината „Америка на прво место“.

Кои држави се опфатени?

Според информации објавени во повеќе светски медиуми, кои се повикуваат на извори од Стејт департментот, шефовите на американските дипломатски мисии во најмалку 29 земји биле официјално информирани дека нивните мандати истекуваат во јануари.

Станува збор за амбасадори кои биле назначени за време на администрацијата на Џо Бајден, но кои, и покрај првичните кадровски промени, останале на функциите и по почетокот на вториот мандат на Трамп.

Во Европа, на списокот се најдоа Ерменија, Македонија, Црна Гора и Словачка. Од Блискиот Исток се опфатени Алжир и Египет, додека од Јужна Азија – Непал и Шри Ланка. Во западната хемисфера, промените ги засегаат Гватемала и Суринам.

Најмногу отповикувања има во Африка – вкупно 13 земји: Бурунди, Камерун, Кабо Верде, Габон, Брегот на Слоновата Коска, Мадагаскар, Маурициус, Нигер, Нигерија, Руанда, Сенегал, Сомалија и Уганда.Во азиско-пацифичкиот регион, пак, ќе се менуваат амбасадорите во шест држави: Фиџи, Лаос, Маршалските Острови, Папуа Нова Гвинеја, Филипини и Виетнам.

Зошто се случува ова?

Од Стејт департментот потегот го објаснуваат како „стандардна процедура која ја спроведува секоја нова администрација“. Во официјалната изјава се нагласува дека:

„Амбасадорот е личен претставник на претседателот и претседателот има право да обезбеди лица кои ќе ја промовираат агендата ‘Америка на прво место’.“

Иако е вообичаено со смена на администрација да се менуваат политички именуваните амбасадори, реткост е ваквите одлуки да ги опфатат и кариерните дипломати. Токму затоа, овој чекор се оценува како невообичаен и значаен пресврт во американската дипломатска пракса.

 

Back to top button
Close