Осомничениот за терористичкиот напад во Сиднеј префрлен од болница во затвор

Мажот (24) за кој се претпоставува дека е еден од двајцата напаѓачи одговорни за терористичкиот напад на плажата Бондај, е префрлен од болница во затвор, соопшти денеска локалната полиција.

Полицијата наведе дека мажот е префрлен во казнена установа во источниот дел на Сиднеј. Комплексот ја вклучува и болницата Лонг Беј, оддел со висока безбедност за медицински и психијатриски случаи, пренесе ДПА.

На 14 декември, двајца напаѓачи отворија оган врз луѓе на култната плажа Бондај во Сиднеј, убивајќи 15 лица и ранувајќи десетици други. Повеќето од жртвите беа Евреи кои го одбележуваа првиот ден од Ханука.

Истражителите ги идентификуваа напаѓачите како татко и син. Таткото (50) беше застрелан од полицијата на самото место, додека 24-годишниот син беше повреден и подоцна обвинет по 15 точки за убиство, 40 точки за нанесување тешки телесни повреди со намера за убиство и една точка за тероризам.

Властите велат дека напаѓачите имале врски со терористичката организација Исламска држава. Според официјалните лица, во автомобилот на помладиот маж биле пронајдени неколку експлозивни направи и две знамиња на Исламска држава.

Според истражителите, напаѓачите со месеци детално го планирале нападот.

Новообјавени судски документи, за кои јавија локалните медиуми, откриваат дека тие вежбале со огненото оружје во рурална област на Австралија.

Според документите, полицијата во мобилниот телефон на синот пронашла видео од октомври на кое се гледаат двајцата сторители во црни маици како седат пред слика од знаме на Исламската држава, со четири долги пушки и муниција покрај нив.

Полицијата соопшти дека на видеото се гледа како синот рецитира од Куранот на арапски јазик. Потоа двајцата мажи зборувале на англиски јазик за нивниот мотив за планираниот напад и, меѓу другото, ги осудиле делата на „ционистите“.

Во документот исто така се наведува дека по нивното пристигнување на местото на настанот на 14 декември, таткото и синот фрлиле четири рачно изработени експлозивни направи кон толпата. Сепак, направите не детонирале.

Уште една рачно изработена експлозивна направа била пронајдена во автомобилот што го користеле за да стигнат до плажата Бондај од предградието Кемпси, каде што изнајмиле куќа.

Back to top button
Close