Шпанија: Смртта е побрза од евтаназијата

Откако Законот за евтаназија стапи во сила во јуни 2021 година, во Шпанија се регистрирани вкупно 2.432 барања за помогната смрт, од коишто 1.123, или 46 отсто, резултирале со спроведување на евтаназијата.

Вкупно 905 лица побарале помогната смрт во Шпанија во 2024 година, а една третина од нив починале пред да се заврши процесот на донесување одлуки, според податоците од Министерството за здравство на земјата. Имено, во Годишниот извештај за спроведување на Законот за евтаназија за 2024 година, во текот на годината се завршени вкупно 929 процедури, од кои 426 барања (45,86 отсто) биле одобрени и евтаназијата била спроведена. Во истовреме, 308 лица (33,15 отсто) починале за време на административниот процес – пред да се донесе конечна одлука за нивното барање, објави „Шпанската радиотелевизија“ (РТВЕ).

Податоците говорат, 141 барање (15,18 отсто) биле одбиени, а 54 лица (5,81 отсто) доброволно го повлекле своето барање. Во извештајот, исто така, се наведува дека 63 лица, што претставува 14,79 отсто од извршените евтаназии, се одлучиле за донација на органи по постапката.

Министерството за здравство наведува дека бројот на завршени процедури е поголем од бројот на нови барања бидејќи извештајот не се однесува исклучиво на барањата поднесени во текот на 2024 година, туку ги вклучува сите случаи решени во таа година, вклучувајќи ги и оние покренати во претходните години.

Најголемиот број завршени процедури се однесуваат на лица над 60 години, додека најзастапената возрасна група е населението над 80 години, што сочинува околу 28 отсто од сите случаи. Просечната возраст на подносителите на барања беше 69,7 години, со речиси еднаква застапеност на мажи и жени.

Најчестите основни дијагнози кај апликантите се невролошки заболувања, кои сочинуваат 32,5 отсто од случаите, како и онколошки заболувања со удел од 29,7 отсто.

Back to top button
Close